Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека сите чинители во општеството треба да придонесат за намалување и сузбивање на сивата економија. Според него, сѐ додека мислиме – може и без фискална сметка, сите придонесуваме за оваа „рак рана“, со која се соочуваме 32 години.
Негова оценка е дека со одредени чекори што се направени состојбите се подобруваат, но се уште сме далеку од тоа што би требало да биде.
-Не само Стопанската комора, туку и Владата кажува дека сивата економија е „рак“ на нашето општество наназад 32 години. Сузбивањето не е чекор што може да го направи само една страна, туку е на сите чинители во општеството, вклучувајќи ги стопанските комори, бизнисмените, граѓаните, но и тие што ги носат одлуките. Ние ќе ги направиме сите потребни активности и ги правиме за сузбивање на сивата економија од аспект на тоа што можеме. Состојбите се подобруваат, но далеку сме од тоа што би требало да го направиме. Само ќе потсетам со Програмата „Мој ДДВ“ во која имаме над 550 000 корисници, во суштина, беше промовирање на еден начин на сузбивање на сивата економија преку мотивирање на луѓето да ги скенираат фискалните сметки или да купуват таму каде што се издаваат фискални сметки. Но, сѐ додека нашето однесување е дека може и без фискална сметка, ние сите заеднички придонесуваме кон сивата економија и затоа велам – да, еве го предлогот на Стопанска комора, секогаш е прифатлив, треба да седнеме реално да видиме колку навистина сме подготвени да се бориме, не само како централна власт или локална власт, туку како општество, изјави Битиќи, одговорајќи на новинарско прашање по увидот на мостот на реката Драгор во Битола.
Во врска со Здружението на комунални претпријатија АТКОМ и барањето да им се простат долговите на овие фирми, Битиќи истакна дека проблемот треба да го решат општините. Сепак, додаде, власта е тука соодветно да одговори доколку се доведат во прашање јавните услуги за граѓаните.
– Јавните претпријатија – членки на АТКОМ, се под надлежност на единиците на локалната самоуправа. Ние долги години наназад сме влезени длабоко во фазата на децентрализација во која надлежностите на локалната самоуправа не може да ги преземе централната власт. Секако, во време на КОВИД помагавме на јавните комунални претпријатија. Сметам дека овде треба да се одважат сите единици на локална самоуправа за да го решат проблемот на функционирање на јавното комунално претпријатие, а ако кажат дека таа надлежност не можат да ја испорачаат, централната власт соодветно ќе одговори како во низа случаи низ државата кога беа доведени прашањата на јавните услуги за граѓаните, рече вицепремиерот.