Сѐ е подготвено за концертот на Брега!

23 март (сабота) е датумот кога „оној што нема да полуди, не е нормален“… како што вели Горан Бреговиќ, а кој во Скопје доаѓа на големиот славенички концерт закажан во СЦ „Јане Сандански“. Бреговиќ во Скопје, како што најави неодамна, ќе свири добар концерт со неговиот Оркестар за свадби и погреби.

„Ќе биде забавно, ќе свирам сешто – и ново и старо, ќе биде лудо – ‘Кој нема да полуди, тој не е нормален’“, рече Брега во својата видеопорака упатена до македонската публика.

Во Скопје тој ќе свири со „појачан“ оркестар составен од 17 музичари. Ќе се свири сѐ, кога станува збор за репертоарот, а за стартот на свирката ќе бидат задолжени Леб и сол, како некогаш во далечната 1977 година. Тогаш Леб и сол и Бијело дугме прв пат застанале на иста сцена, и тоа во Скопје, но не и последен, зашто следувале уште неколку заеднички дружби ширум целата поранешна држава. Сега, после речиси 47 години следува реприза, но не како тогаш на Градски стадион, туку во СЦ „Јане Сандански“. 60-минутниот настап на Леб и сол ќе биде своевидно патување низ времето и враќање во далечната 1977 година кога членовите чекајќи го миксањето на деби албумот за ПГП РТБ ја добиле понудата да бидат предгрупа на „бандата“ на Бреговиќ.

Скопскиот концерт е славенички зашто е закажан во годината кога се одбележуваат јубилејни 50 години од основањето на легендарните Бијело дугме и е на само еден ден по прославата на 74. роденден на Горан Бреговиќ, најголемата рок легенда на балканските простори.

Влезниците за големиот солистички концерт во Скопје може да се купат преку https://www.kupikartizase.com/ и на сите нивни продажни места, и тоа по цени од 1.200 денари за партерот, 1.800 за фанпитот, сребрените и златните седишта чинат 1.400 и 1.800 денари, додека влезницте за вип делот се 2.500 денари.

Почетокот на концертот е закажан во 20:30 часот кога на сцената треба да застанат Леб и сол. Веднаш по нив ќе следува Брега со неговиот оркестар, и да, можеби репертоарот ќе биде изненадување, но не и журката – таа е загарантирана.