Американскиот претседател Џо Бајден, кој се надева на реизбор во ноември, се соочи со нови проблеми по извештаите дека највисоките членови на неговата Демократска партија приватно го советувале да се откаже од трката, додека Доналд Трамп се очекува подоцна во четвртокот да ја прифати републиканската номинација.
Чак Шумер, демократскиот лидер во Сенатот, Хаким Џефрис, демократскиот лидер во Претставничкиот дом и поранешнаата претседателка на оваа институција на американскиот Конгрес, претседателка Ненси Пелоси, последните денови директно му ја изразиле својата загриженост на 81-годишниот Бајден дека тој нема само да изгуби Белата куќа, туку и ги намалува шансите на партијата да го врати мнозинството во Претставничкиот дом на изборите на 5 ноември, според извештаите на голем број медиуми.
Белата куќа објави дека Бајден е во самоизолација и продолжува да работи откако беше позитивен на коронавирусот за време на предизборните активности во сојузната држава Невада, што го принуди да се врати дома во Делавер.
Неговиот изборен штаб сега се соочува со лоши изгледи за реизбор, а ситуацијата во четири од седумте клучни (колебливи) сојузни држави (т.н. „swing states“) за Бајден се чини дека се влошува. Кампањата на 78-годишниот Трамп вели дека верува оти тие станале конкурентни во државите наклонети кон демократите, вклучувајќи ги Минесота, Њу Хемпшир и Вирџинија.
„Ја шириме картата“, изјави висок советник за кампањата на Трамп за новинарите под услов да остане анонимен.
Досега, само 20 од вкупно 264-те демократи во Конгресот го повикаа Бајден да се откаже од реизборот по неговото слабо претставување во соочувањето со Трамп во јуни, кога беше доведена во прашање способноста на Бајден да ја извршува должноста до крајот на следниот четиригодишен мандат, дури и доколку би победил на ноемвриските избори.
Пратеникот Адам Шиф, кој се кандидира за место во Сенатот во Калифорнија, е последниот демократ кој го повика Бајден да се повлече во среда.
Претставници на Белата куќа веруваат дека Шиф бил поддржан од Пелоси, според извор од Белата куќа кој сакал да остане анонимен. Тоа може да биде фатален знак за Бајден, имајќи предвид дека поранешната претседателка на Претставничкиот дом и натаму е еден од највлијателните демократи во Вашингтон.
Некои пратеници сметаат дека Бајден сега може да биде поотворен за идејата да се откаже од трката.
„Тој го направи она што беше најдобро за Америка… Верувам дека ќе продолжи да го прави тоа“, изјавиl демократскиот сенатор Џон Хикенлупер за Reuters. Сепак, Хикенлупер одбил јасно да каже дали мисли дека Бајден треба да се повлече како кандидат.
Поранешниот претседател Барак Обама им рекол на другите дека Бајден треба да ја преиспита својата кандидатура, пишува The Washington Post, повикувајќи се на анонимни извори.
Во меѓувреме, Трамп ќе ја затвори четиридневната републиканска конвенција во Милвоки со своето прво јавно обраќање по преживеаниот обид за атентат во Пенсилванија во саботата, кога куршум го закачи во пределот на увото. Претставниците на кампањата велат дека неодамна доживеаното и искуството го поттикнале да го измени својот говор за прифаќање на номинацијата во кој ќе ја истакне инклузивноста наместо да ги напаѓа демократите на Бајден.
„Мислам дека не е можно да се помине низ она низ што тој мина во саботата, вистинско искуство блиску до смрт, без тоа да има некакво влијание“, рече Лара Трамп, снаата на Трамп и копретседателка на Републиканскиот национален комитет, одлучивачкото тело на партијата. Трамп треба да зборува во четврток околу 22 часот по локално време.