Човековиот имуносен систем секој ден извршува неверојатна работа во борбата со бактериите и другите натрапници, поголемиот дел од времето работи беспрекорно, а понекогаш кога некоја од клиците ќе ја пробијат таа одбрана, се разболуваме.
Но како всушност имуносниот систем работи? Тој претставува колективна сила од клетките, ткивата и мембраните сместени по целиот организам.
Првата бариера е кожата, таа го запира најголемиот број од бактериите. „Нашата кожа има благо кисело pH ниво, што бактериите ги спречува да навлезат во телото“, појаснува за DPA германскиот интернист Улрих Фелш. Слузницата, влакненцата во носто, трепките и дишните патишта се задолжени за тоа повеќето бактерии да немаат никакви шанси да му наштетат на организмот.
Бактериите често влегуваат во организмот бидејќи самите им помагаме во тоа, на пример, преку храната. Таму ќе ги запре плунката, а доколку таа не успее, ќе ги докрајчи желудочната киселина. Доколку пропадне сето тоа, на сцена стапува природниот имуносен систем. Тоа едноставно значи дека група клетки ќе го изедат сето она што им изгледа како туѓо тело.
Доколку нема резултат и од овој генерички имуносен систем, телото го активира специјалниот. Со други зборови кажано, тешката артилерија. Имено, белите крвни зрнца создаваат антитела кои се специфично наменети за борба против одреден патоген.
„Тоа е затоа што имуносниот систем има некој вид меморија и може да се сети дека веќе имал работа со тие клици“, појаснува Фелш. Доколку телото по вторпат се соочено со напад од ист патоген, специфичниот имуносен систем го препознава и брзо го решава. „Доколку еднаш сте имале шарлах, вториот пат нама. Но тоа не важи за грипот, бидејќи вирусите мутираат и не се исти. Затоа грипот го имаме повеќепати во животот“, додава стручњакот.
Поголема е веројатноста дека луѓето ќе заболат доколку имуносниот систем е ослабен. Причините за тоа може да биде стресот или премалку сон, но и сериозни состојби како хронични болести и имунодефициенција. Имуносниот систем го слабеат и антибиотиците. „Со нив треба да се постапува внимателно. Антибиотиците не ги уништуваат само патогените, туку сето она што ќе им се најде на патот, вклучително и добрите бактерии“, истакнува Фелш.