Денска во Скопје, беше погребан 67 годишниот Ацо Трпковски, матичен лекар од поликлиниката „Железара“ кој беше пронајден избоден до смрт во својот автомобил на местото на неосветлениот паркинг во близина на работното место, а засега уште нема осомничен за ова злосторство.
Нема ниту осомничени, ниту приведени од страна на полицијата и обвинителството. Единствено е познато дека се прегледуваат видео-камерите од страна на полицијата, додека од обвинителството ги чекаат наодите од обдукцијата.
Од надлежните институции единствениот одговор е дека „интензивно се трага“, а во меѓувреме Трпковски денеска беше погребан.
Во четвртокот, на 21-ми март малку по 23 часот во СВР Скопје било пријавено дека во сопственото возило „киа“ со скопски регистарски ознаки, на паркинг пред поранешната клиника „Железара“, со убодни рани по телото бил пронајден лекарот. Според пријавеното, тој бил пронајден од неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, се вели во соопштението од МВР.
Во понеделник од 12 до 16 часот матичните лекари нема да работат во знак на протест.