Сѐ уште непознато како ќе се одвива наставата, Комисијата бара дополнителни податоци од МОН

Комисијата за заразни болести во средата  одржа состанок на кој присуствуваа и претставници на Министерството за образование и наука каде беа разгледани и се дискутираше за Планот за одржување на наставата во училиштата во учебната 2020/2021 година подготвен од МОН, од аспект на безбедност на сите чинители во наставниот процес – учениците, наставниците, помошниот персонал, како и од аспект на спречување на ширење на заразата со коронавирус во училиштата.

„Од страна на Комисијата за заразни болести беше побарано од МОН да достави податоци за сите училишта во сите општини во Македонија и бројот на деца во сите паралелки поединечно, кои се клучни податоци за да се утврди каде евентуално би имало онлајн настава, а дали и каде би било евентуално безбедно да се одвива настава и со физичко присуство“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

На состанокот на Комисијата за заразни болести биле присутни и претставници на Министерството за труд и социјална политика при што се разгледувале и се разговарало и за протоколите за почеток на работењето на градинките.

„Заклучокот беше дека дел од протоколите треба да се доработат од страна на МТСП, да се разгледаат и потоа да се донесе одлука во врска со почеток на работењето на градинките“, се наведува во соопштението од Министерство за здравство.