Сѐ уште се чека одлуката на Владата за покачување на минималецот на 15.500 денари

Владата сѐ уште нема одлучено колку ќе изнесува минималната плата од октомври.

По реакциите што се појавија во јавноста откако министерот за економија Крешник Бектеши најави дека таа ќе се зголеми на 15.500 денари, од Владата денеска уверуваат дека станува збор за недоразбирање.

„Покачувањето на минималната плата е предвидено, но висината не е сѐ уште утврдена бидејќи во тек се консултации со стопанските комори и со работодавачите.“ – велат од Владата.

И додека се чека одлуката за висината на минималецот, она што е познато, а треба да се реализира со прекројувањето на државната каса следниот месец, е мерката за субвенции на придонесите за покачувањето на платите во приватниот секторм до 100 евра.. Веќе е дефинирано дека работодавачите ќе треба да плаќаат само персоналец, а останатите давачки ќе бидат на товар на државата. За оваа мерка, премиерот Зоран Заев викендов од собраниска говорница најави дека се планирани околу 40 милиони евра.

Парите веќе се предвидени во ребалансот, најави и новата министерка за финансии Нина Ангеловска, во нејзиното прво интервју дадено за државната МИА.

-Пресметката е вклучена во ребалансот и сметам дека е добро тоа што мерката ќе овозможи малите и средните компании да можат да дадат поголеми плати, а притоа да бидат ослободени од плаќање на придонесите, вели Ангеловска.