Хакери нападнаа десет официјални веб-страници во Италија во саботата, вклучително и оние на Министерството за надворешни работи и два аеродромa во Милано, кои беа привремено онеспособени, соопшти италијанската агенција за кибернетичка безбедност.
Хакерска група Noname057(16), која во западните земји е означена како проруска, ја презеде одговорноста, објавувајќи на платформата Telegram дека „русофобите во Италија добија заслужен сајбер одговор“.
Портпаролот на италијанската агенција за кибернетичка безбедност изјави дека е веројатно таканаречениот „распореден напад со ускратување на услугата“ (DDoS) да биде поврзан со прорускара група.
Во такви напади, хакерите се обидуваат да ја преплават мрежата со невообичаено големи количества сообраќај на податоци за да ја онеспособат.
Портпаролот рече дека агенцијата брзо им помогнала на нападнатите институции и компании и дека ефектот од нападот бил „ублажен“ за помалку од два часа.
„Сајбер-нападот не предизвика никакво нарушување на летовите на миланските аеродроми Линате и Малпенса. Додека веб-страниците беа недостапни, мобилните апликации на аеродромите продолжија да функционираат“, изјави портпаролот на компанијата што управува со нив SEA.