Сакам да истакнам дека ВМРО-ДПМНЕ ставот го кажа уште во моментов кога беа отворени овие проблеми, и за кои што Владата презеде концесии во однос на промена на Уставот. И тој став до денес не е сменет. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема уставни измени кои што се донесени на ваков начин“, истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски во изјава за вестите на Сител телевизија.
„Ние кажуваме дека ЕУ треба да даде гаранции кон нас како Македонија за уставните измени и исто така укажуваме дека концесиите кои што ги имаше преземено претходната Влада, за нив може да се разговара во моментот кога ние како Македонија ќе влеземе во ЕУ“, рече тој.
Сајкоски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ укажува дека Бугарија треба да си преземе и обврски, да ги почитува меѓународните права, да ги почитува одлуките од Судот за човекови права и да ги реализира оние судски одлуки кои што се донесени од Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Во текот на својата изјава Сајкоски се осврна и на економските теми.
„Изминатиот период направивме повеќе средби, направивме исто така и средби со Стопанска комора, и со граѓани, и внатрешни средби во партијата со економскиот тим. И од средбите заклучивме дека периодот што следи во следните четири години ние гарантираме дека ќе направиме инфлацијата да биде под 3%, исто така гарантираме дека ќе имаме економски раст над 5%, ќе ја намалиме невработеноста до 7 ипол проценти, ќе донесеме најголем број на инвестиции странски во нашата држава. И исто така кажуваме дека ќе имаме реализација на капитални проекти во висина од три милијарди евра од кои што милијарда евра ќе одат до општините и локалната самоуправа“, вети Сајкоски.
Тој посочи дека на ваков начин ВМРО-ДПМНЕ сака да покаже дека во Македонија може да се има економски раст и развој. ВМРО-ДПМНЕ ќе покаже дека има надеж да се живее и да се работи во Македонија.