Најнапред сакам да им честитам во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани на Македонија за огромната безрезервна поддршка која ни ја дадоа изминативе осум дена. ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните за само 8 дена собра 100.000 потписи за нешто помалку од вкупно 24 часа. И покрај бројните опструкции од власта, само 24 часа во 8 дена 100.000 граѓани го дадоа својот потпис за вистински и европски попис, спротивен на оној кој сака да го организира власта на насилен начин, со политичка цел, изјави на денешната прес конференција, Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Потенцираше дека граѓаните одлучија, не сакаат политички попис, сакаат попис како статистичка операција, што точно ќе може да ја насочи Република Македонија во која насока да се развива.
„Од самиот почеток власта беше исплашена знаејќи дека спроведува попис спротивно од барањата и заложбите на граѓаните и токму затоа и ни ја отфрлија иницијативата за поништување на законот за попис. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ преку своите 44 пратеници, поддржана од над 100.000 граѓани ќе поднесе пратеничка иницијатива за поништување на законот за попис. Граѓаните и Република Македонија заслужуваат европски попис како статистичка операција, колку и тоа да и смета на власта“. рече Сајкоски.
Додаде дека власта чиј носител е СДСМ е на самиот крај и оваа поддршка од над 100.000 граѓани за кус период е само почеток на крајот на оваа Влада.