Во гостување во емисијата „Директно“ на ТВ Тера генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски истакна дека изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде јавно објавена за брзо.
„Нашата кампања ја започнавме веднаш по завршувањето на локалните избори преку повеќе акции кои ги започнавме во тој период, една од акциите беше посета на над 620 населени места, посетивме 40,000 семејства, потоа направивме посета заедно со градоначалници, пратеници, советници во сите месни заедници со цел да го слушнеме мислењето на граѓаните, да ги слушнеме нивните проблеми и преку локалната власт да ги исполниме нивните очекувања кои ги имале. Граѓаните се соочуваат со огромен број проблеми кои се во надлежност на локалната самоуправа. Со таквиот пристап и начин ние ќе се водиме од барањата на граѓаните, така ја градиме програмата што ќе биде за брзо јавно објавена и на таков начин ќе ги водиме идните политики на ВМРО-ДПМНЕ“, кажа Сајкоски.
Сајкоски посочи дека проектите кои биле ветени треба да бидат завршени во период на нивниот градоначалнички мандат.
„Оние проекти кои биле ветени и кои треба да ги завршат градоначалниците во период на нивниот мандат се забрзуваат и се врши еден вид контрола на сите проекти кои тие треба да ги реализираат во периодот додека го имаат нивниот мандат. Ова е една од работите која треба да ја прави секоја политичка партија и на таков начин да можеме да испорачаме се она што граѓаните го очекуваат од нашите градоначалници и локалната власт пред се“, вели Сајкоски.
Сајкоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ гарантира дека ќе донесе нови инвестиции.
„Ние гарантираме дека ќе донесеме нови инвестиции, гарантираме дека на приватните стопанственици ќе им овозможиме еднакви услови за борба за да можат да се развиваат, ќе ги поедноставиме постапките за да можат да инвестираат во нашата држава и на таков начин ќе привлечеме да се вработуваат поголем број на луѓе меѓутоа и да се зголемува цената на трудот. Тоа е економијата и така се развива“, изјави Сајкоски.
Тој заклучи дека за да се види пред се некоја разлика мора да се постават нови луѓе како што ВМРО-ДПМНЕ тоа го прави со министрите во техничката Влада Панче Тошковски и Ѓоко Велковски каде се виде дека ВМРО-ДПМНЕ има капацитет и луѓе кои можат да одговорат на проблемите и можат да одговорат на предизвиците.