Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски, на вечерашната трибина во Прилеп, истакна дека власта потрошила 16 и пол милијарди евра пари на народот, а ветените проекти никаде ги нема, како што Спортскиот рекреативен центар кој беше ветуван во Прилеп е сеуште ливада, па праша на што точно власта трошеше четири години ако нема инвестиции и нема подобар живот за граѓаните.
-Изминативе четири години низ општините низ Македонија се соочуваме со руинирани институции, се соочуваме со криминал од епски размери, граѓаните не заборавија дека само пред две години Кочо Анѓушев како вицепремиер си делеше за себе концесии, и не заборавивме дека Боки13 одеше со ваши пари, земени од граѓаните, не го заборавивме Ден Дончев, ниту многуте криминали кои се појавуваа буквално секој ден и на централно и на локално ниво во изминативе четири години, вели Сајкоски.
Сајкоски посочи дека во Прилеп граѓаните знаат дека беше уапсен началникот на полицијата, но и многу други кои останаа да го продолжуваат криминалот на кој треба да му дојде крај.
Во делот на инвестициите власта не направи ништо, во делот на инфраструктурата власта лажеше, лажеше дека ќе го направи патот Градско-Прилеп, но гледаме дека ништо не се работи на тој пат, власта ветуваше пред четири години дека на пензионерите ќе дадат дополнителни 1000 денари, но за жал денеска гледаме дека одзедоа, наместо да дадат повеќе, критикуваше Сајкоски.
Тој од Прилеп ја праша власта, каде се 16 и пол милијарди евра кои ги потрошија изминативе четири години, и појасни дека станува збор за четири буџети по четири милијарди.
-Власта потроши 16 милијарди евра народни пари, а инвестиции нема, нема зголемување на плати и пензии, а ветувањата за Прилеп беа исто така бројни, како спортско рекреативниот центар кој беше ветуван е сеуште ливада и истиот не постои, вели Сајкоски.
Сајкоски порача дека овие нереализирани лажни ветувања од власта треба да бидат казнети на локалните избори, како и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде идна власт затоа граѓаните знаат да ги проценат кандидатите кои можат да придонесат за Македонија за сите луѓе.