Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, некогашен политички сојузник на украинскиот претседател Петро Порошенко, кој го именуваше за гувернер на Одеската област по соборувањето на претседателот Виктор Јанукович, во саботата започна штрајк со глад во знак на протест против апсењето, каде што е обвинет дека сакал да поттикне државен удар со помош на Јанукович кој живее во егзил во Русија, каде што пребега поради опасност од ликвидација.
„Саакашвили објави штрајк со глад со недефинирано времетраење“, напиша на Facebook новинарот и сојузник на поранешниот грузиски претседател, Владимир Федорин.
Михаил Саакашвили, кој во меѓувреме стана опозициски политичар во Украина, откако пред две години по итна постапка му беше доделено украинско државјанство за да може да биде именуван за гувернер на мнозински рускојазичната Одеска област во периодот на бунт на русофоните украински региони на југоистокот, во петокот ноќта беше уапсен во Киев, откако првиот обид за негово апсење заврши со негово ослободување откако неговите приврзаници го извлекоа од полициското комбе.
Припадници на украинската специјална полиција го уапсија 49-годишниот Саакашвили во центарот на главниот град Киев и ноќта кон саботата го префрлија во притвор.
Обинителството, меѓу другото, го обвинува Саакашвили кој беше западен сојузник во Грузија, дека помагал криминална организација. Се наведува дека примил пари и од поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, во чиешто соборување со помош на Западот учествуваа и грузиски платеници, за наводно да организира државен преврат. Доколку се утврди вината на Саакашвили, би можел да добие до пет години затвор.
Украинската новинска агенција УНИАН во саботата извести дека неколку стотици поддржувачи на Саакашвили организираа протест пред домот на државниот обвинител Јуриј Луценко, барајќи негова оставка и престанување на притисокот од власт врз Националното антикорупциско биро, обвинувајќи го дека „ја прикрива и штити корупцијата“ во власта.
Од партијата на претседателот „Блокот Петро Порошенко“ ги обвинуваат демонстрантите дека протестираат за пари, а при директна средба со пратениците од оваа партија избувнале и помали судири.
Некогашниот негов сојузник, украинскиот претседател Порошенко му помогна на Саакашвили да дојде во 2015 година во Украина и да стане гувернер на регионот Одеса на Црното Море, со мнозинско рускојазично население. По година и пол Сакаашвили поднесе оставка на должноста, обвинувајќи го Порошенко за вкоренета корупција и барајќи негова оставка.
Додека Саакшвили пред неколку месеци престојуваше надвор од земјата, Порошенко му го одзема државјанството коешто експресно му го издаде пред две години, откако имаше шпекулации дека ќе се кандидира за претседател. Саакашвили во септември илегално влезе во Украина минувајќи ја границата со Полска во текот на масовниот судир на неговите приврзаници и украинската полиција.
Веднаш по апсењето на фејсбук профилот на Саакашвили се појави повик за масовно протесно собирање. Медиумите во Киев пишуваат дека се подготвува подигнување протестен камп, сличен како оној на плоштадот Мајдан кога се уриваше Јанукович, во што учествуваа според подоцнежни сведочења и платеници од Грузија.
Иако ужива силна поддршка меѓу своите приврзаници, Саакашвили во Украина има доста мала поддрпка. Само 1,7 отсто од гласачите ја поддржуваат неговата партија Движење на новите сили, покажува анкетата која во октомври ја спроведе Центарот Разумков од Киев.
Неговите приврзаници го сметаат за бестрашен борец против корупцијата, додека критичарите сметаат дека има малку веродостојна содржина зад неговата реторика.