Саботажата на Северен тек го одобрил највисокиот врв на Украина, според американската верзија

Саботажата на гасоводите Северен тек 1 и 2 во септември 2022 година во Балтичкото Море преку кои евтиниот руски гас придонесе за економскиот раст на Германија, го одобрил највисокиот државен врв во Киев, вклучително на прво место претседателот Володомир Зеленски, објави во четвртокот американскиот весник The Wall Street Journal.

Според пишувањето на американскиот весник, кој се заснова на наводни украински воени извори, нападот со експлозив во морето изведен е под супервизија на главниот командант на украинската армија во тој период генералот Валериј Заслужни, и тоа и покрај тоа што Зеленски наводно во меѓувреме се премислил и побарал планот да биде запрен.

Написот во WSJ е објавен ден откако беа објавени резултатите од германската истрага за тој инцидент кои укажуваат на тоа дека Украина е вклучена, и откако неодамна е издаден налог за апсење за професионален украински нуркач.

Русија и претходно ги отфрлаше таквите медиумски и официјални извештаи од Германија за наводна украинска вмешаност во саботажата, посочувајќи дека за таква диверзија се неопходни повеќе професионални учесници, скапа и ретка технологија којашто може да ја пружи само западна земја а Украина не ја поседува.

Како што пишува натаму WSJ, идејата за саботажата на гасоводите се појавила во мај 2022 година на состанокот на офицери, високи офицери и шефови на украински компании, три месеца откако Русија ја започна инвазијата во Украина. Според весникот, шест луѓе директно биле вмешани во таа операција којашто наводно чинела 300.000 американски долари, што во целост било финансирано од приватни пари.

„Украинскиот претседател Володомир Зеленски во почетокот го одобрил планот, според еден функционер кој бил присутен на тој состанок и тројца кои за тоа знаеле. Меѓутоа подоцна, кога (американската Централна разузнавачка агенција) CIA дознала за тоа и побарала да се спречи, наредил да се запре“, пишува американскиот весник.

Меѓутоа, како што натаму тврди WSJ, генералот Валериј Заслужни ја игнорирал таа наредба и неговиот тим го изменил почетниот план.

Заслужни, кој во меѓувреме беше сменет од должноста главен командант на Генералштабот на украинската армија и именуван за амбасадор во Лондон, во пишан одговор за WSJ навел дека „воопшто е запознаен со некоја таква операција“ и ги оценил како „провокација“ сите спротивни тврдења.

По саботажата на четирите цевководи на Северен тек во септември 2022 година, Зеленски побарал објаснување од Заслужни, според WS кој се повикува на три лица запознаени со темата. Генералот, наводно, му одговорил дека е „предоцна“, тврдејќи дека повеќе не може да комуницира со саботерите бидејќи контакт би можело да ја загрози операцијата.

„Му беше кажано (на Зеленски) дека тоа е како торпедо, еднаш кога ќе го лансирате на непријателот, не можете да го вратите, продолжува сѐ додека не направи ‘бум’“, опишал еден висок офицер запознаен со тој разговор, пренесува WSJ.

Германските медиуми, пак, се многу попретпазливи кога станува збор за вмешаноста на украинскиот државен врв и имаат тенденција да не го обвинат барем Зеленски. Весникот Der Spiegel, од друга страна, ја споменува можната вмешаност на Валериј Заслужни.

Претходни теории

Во март 2023 година, британскио весник Times, повикувајќи се на истражител од Данска и податоци од платформите за следење на пловидбата, објави дека дански брод, шведски авион и патролен брод изведувале невообичаени маневри во близина на гасоводите Северен тек во Балтичкото Море четири дена пред експлозиите.

Според сознанијата на весникот, данскиот брод „P524 Nymfen“, чијашто задача била да го следи движењето на руските пловила во данските територијални води, на крајот од септември 2022 година неочекувано отстапил од вообичаениот курс. Првпат по неколку години овој брод, како што објави Times, го заобиколил островот Борнхолм и се упатил кон североисток по што застанал на половина час и ги исклучил транспордерите на неколку часа исчезнувајќи од меѓународните системи за следење на пловидбата. Неколку минути подоцна во близина на таа позиција почнал да кружи набљудувачки авион на шведските воздухопловни сили, а бил забележан и шведски патролен брод.

„Всушност, се чини дека овој дански брод за набљудување кружел околу местото на експлозијата со причина“, коментираше огаш за весникот поранешниот дански разузнавач Јакоб Каарсбо.

Истовремено не била регистрирана невообичаена активност од страна на руските бродови, се додава во написот..

Извор близок на истрагата за експлозиите на гасоводите во Германија потврдил тогаш дека истражителите не се поблиску до решавање на случајот.

„Искрено, ние не знаеме кој тоа го извршил“, рекол соговорникот без да ги споменува претходните написи на германските и американските медиуми во коишто се наведуваше дека извесна група „проукраински“ активисти „без поврзаност“ со Киев изнајмиле јахта и се одговорни за експлозиите на четирите цевководи во Балтикот.

Во пролетта 2023 година во кинескиот весник на англиски јазик China Daily, американскиот новинар Сејмур Херш, кој на почетокот од февруари истата година прв во светот објави дека зад експлозиите на гасоводите Северен тек стои администрацијата на САД, оценува дека оваа саботажа доведе до криза во Европа и оти американскиот претседател Џо Бајден поради тоа ќе се соочи со сериозни критики поради сопствената вмешаност.

„Резултатот (од саботажата) е што беше запрен главниот извор на енергенс кој минуваше низ Западна Европа. И што Европа сега се соочува со криза. И во перспектива, овие лето и есен ќе бидат многу сложени за Бајден. Тој ќе се соочи со огромна критика за она што го стори. Без сомнение“, рече Херш.

Наградуваниот со престижна Пулицерова награда новинар натаму признава дека воопшто не бил изненаден од „глупавоста“ на американската администрација кога дознал за вмешаноста на Вашингтон во саботажата врз гасоводите.

Кон крајот на септември минатата 2022 година и двата руски извозни гасоводи под Балтичкото Море – Северен тек 1 и Северен тек 2, беа ставен вон функција по саботажа. Шведска, Данска и Германија спроведуваат истраги, но сѐ уште не дошле до конкретни резултати, а прелиминарните не ги соопштуваат објаснувајќи го со интерес од националната безбедност.

Од Москва повеќепати наведоа дека сѐ уште со сигурност не знаат кој стои зад нападот, бидејќи на Русија не ѝ беше дозволено ниту учество во истрагата, ниту спроведување на самостојна истрага иако неодамна повика на формирање во рамките на ОН на меѓународна независна и транспарента истрага за терористички напад врз стратешка меѓународна инфраструктура.

До почетокот на март 2023 година ниеден западен влијателен медиуми ниту западните политичари не го коментираа написот на американскиот наградуван американски новинар Сејмур Херш кој претходно во февруари објави напис во кој прецизно наведува дати, личности, локации и опрема, и тврди дека зад експлозиите на четирите цевководи од гасоводите Северен тек 1 и 2 стои администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден. Според Херш, по деветмесечно планирање американските служби ги искористиле поморските вежби „Baltops“ на НАТО во јуни 2022-ра во Балтичкото Море да ги постават експлозивните направи кои три месеца подоцна ги активирала воената морнарица на Норвешка.

Меѓутоа, пролетта 2023 година западните челници започнаа со коментари од написите на американскoт весник The New York Times и на германски Zeit од вторникот дека во експлозијата наводно учествувале „проукраинска групација“ којашто наводно ја сочинувале Украинци и Руси и којашто „не е поврзана“ со украинскиот претседател Володомир Зеленски а била „против рускиот претседател Владимир Путин“. Потоа минатата среда на темата се надоврзаа и британски Times и германската телевизија Ntv со наводните исти сознанија со кои вината за терористичкиот напад врз критичната инфраструктура се префрла на неидентификувана „украинска компанија“ и индиректно врз Полска каде што наводно било седиштето и бил изнајмен бродот со кој била спроведена акцијата. Times, пак, објави дека разузнавачите на западните земји го знаат идентитетот на наводниот украински спонзор на саботажа на гасоводите.