Сачевалиев потврди дека Заев му побарал 300.000 евра поткуп

Струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев потврди денеска пред  Кривичниот суд дека премиерот Зоран Заев во 2013 година му побарал 300.000 евра мито за откуп на пет парцели државно земјиште.

-Беше 8 ноември, Митровден кога ми се јави и ме праша дали може да одам за 15 минути во неговиот кабинет. Јас бев со гости, ама отидов. Ме чекаше и ми рече дека може да го откупам земјиштето за 70 денари од квадрат и тоа важеше до Нова Година. Ми постави услов да дадам плус по 3 евра од квадрат. Ми рече едно е за него, едно за изградба на црквата и едно за партијата. Му кажав дека тоа се многу пари, 300.000 евра зошто земјиштето беше 100.000 квадратни метри. На бирото имаше куп документи и ми рече и овие завршија така. Бев збунет и му реков дека треба да размислам- рече Николов.

Тој на  19 декември одлучил да го пријави Заев во МВР, од каде му дале опрема за да го сними.

– Во март ја повторив изјавата пред обвинителството. Тој во меѓувреме го намали поткупот на 2 евра, односно ја исфрли „давачката“ за партијата. Го прашав, како ти ги дадам парите за тебе и за црквата, а тој одговори„ за мене и за црквата ќе одиш кај брат ми Вице и таму ќе ги дадеш“- рече Николов, според кого со Заев се среќавале во неговиот кабинет повеќе пати.

Бизнисменот на една од средбите му предложил наместо пари да даде градежен материјал за црквата, но Заев наводно го одбил, а со премиерот за поткупот разговарале само во кабинетот.

На денешното судење не беше прикажана видео снимката обезбедена со посебни истраќни мерки, иако така беше одлучено на минатото рочиште.

Судијата Дарко Тодоровски појасни дека судот донел решение снимката да се презентира пред јавноста, но во меѓувреме обвинителството кое се противеше, побарало оваа одлука да ја добие на писмено за да може да се жали пред повисокиот суд.