Соединетите држави ги зголемуваат царинските тарифи за електричните возила од Кина од 25 на 100 отсто, објави во вторникот Белата куќа, по серијата остри мерки на администрацијата на Џо Бајден за ограничување на кинескиот увоз.
Новите царини ќе се применуваат не само за електричните возила, туку и за батериите и соларните панели, полупроводниците, пристанишните кранови и некои медицински производи, како што се заштитните маски.
„Денешното соопштение е одраз на посветеноста на претседателот Џо Бајден да се грижи за американските работници. Кога ќе се соочиме со непочитување на правилата за конкуренција и нелојални практики од странство, претседателот ќе искористи сѐ што ќе му стои на располагање за да ги заштити американските работници и индустријата“, се додава во соопштението на Белата куќа.
Белата куќа вели дека мерките се неопходни затоа што Кина ги преплавува светските пазари со вештачки создаден евтин извоз, а Бајден реагираше и покрај напорите за стабилизирање на односите со Пекинг, вели Лаел Брејнард, директорка на Националниот економски совет.
Бајден, рече таа, го посетил неговиот роден град Скрентон, во сојузната држава Пенсилванија, и со свои очи видел што се случува кога производството ќе се пресели во други земји, и затоа сака да обезбеди фер конкуренција.
„За нас е важно да спречиме ново зголемување на кинескиот извоз и нивниот континуиран притисок врз цените што им ја отежнува конкирентноста на американските челичарници“, рече американскиот претседател за време на посетата на Пенсилванија, додавајќи дека неговите постапки немаат „никакава врска со изборите“.
Илон Маск, извршен директор на производителот на електрични автомобили „Tesla“, исто така постојано предупредуваше дека кинеските производители имаат неправедна предност.
Според американската влада, овие мерки ќе влијаат на извозот од Кина, кој изнесува 18 милијарди долари. Треба да се очекува дека Пекинг ќе возврати со одмазднички мерки.
Донесените одлуки се резултат на четиригодишната ревизија на постојните царини што поранешниот претседател Доналд Трамп ги воведе во неговата трговска војна против Кина.