САД денеска одбележуваат 14 години од нападот на кулите близначки, нападот врз Пентагон и падот на авионот во Пенсилванија на 11 септември 2001 година. Во терористичките напади во Њујорк и Вашингтон на 11-ти септември 2001 година загинаа 2.977 лица.
Главната церемонија ќе се одржи во Националниот меморијален центар, што се наоѓа на местото на некогашниот Светски трговски центар, со што ќе се одбележи сеќавањето на уривањето на двете „кули близначки“, нападот врз Пентагон и падот на авионот во Пенсилванија на 11 септември 2001 година.
Во рамки на одбележувањето на годишнината од терористичките напади, американскиот претседател Барак Обама ќе ја посети воената база во местото Форт Мид во Мериленд.
Портпаролот на Белата куќа Ерик Шулц изјави дека Обама ќе разговара со припадниците на војската, кои секојдневно се грижат за безбедноста на земјата.
Оддавањето почит на жртвите во Меморијалниот центар вклучува и читање на имињата на настраданите во нападите во 1993 и 2001 година.
Вечерва два снопа сина светлина ќе бидат вперени кон небото за да потсетат на урнатите кули на Светскиот трговски центар.