САД ја отфрлаат одлуката на судот во Хаг за апсење на израелски официјални лица

САД ја отфрлаат одлуката на Меѓународниот кривичен суд во Хаг (МКС) да издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана на земјата Јоав Галант, изјави денеска портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа.

„САД суштински ја отфрлаат одлуката на судот за издавање налози за апсење на високи израелски функционери. Длабоко сме загрижени поради брзањето со кое обвинителот бараше издавање на тие налози, како и за вознемирувачките грешки во процесот што доведоа до таа одлука“, рече портпаролот, додавајќи дека САД и нивните партнери ги разгледуваат следните чекори.

Претходно денеска, МКС издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант и претставници на палестинското движење Хамас.

Тие се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени за време на војната во Газа и нападите во октомври 2023 година што ја предизвикаа израелската офанзива врз палестинските територии.