Пекинг треба да се одлучи за патот на дипломатија, а не на притисоци врз Тајван, истакна во четвртокот портпаролот на американскиот Стејт департмент Вадант Пател, набрзо откако Кина испрати воени бродови во близина на Тајван во истата зона каде што се наоѓа американскиот носач на авиони „USS Nimitz“ .
„И натаму ќе го повикуваме Пекинг да престане со воени, дипломатски и економски притисоци врз Тајван, и попрво да се реши за конструктивната дипломатија“, изјави Пател на прес-конференција.
Управата за поморска безбедност на источната кинеска провинција Фуџијан во средата извести дека Кина започнала со патролирање во централниот и северниот дел на Тајванскиот теснец поради извештаите за средбата на претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес Кевин Меккарти и тајванската претседателка Цаи Инг-вен.
„И во иднина ќе работиме на тоа комуникациските канали да бидат отворени за да спречиме секаков ризик на лоша процена“, додаде портпаролот на американскиот Стејт департмент.
Петел потврди дека САД и Кина „различно гледаат“ на прашањето за Тајван, но истакна дека двете сили во последните 40 години успешно го решавале.
Тајванската претседателка Цаи Инг-вен, пак, во четвртокот изјави дека Тајван ќе го „спречи мешањето“ на Кина во неговите територијални води, откако кинеските поморски власти претходно се заканија дека во водите на теснецот ќе пристапат на прегледи на патничките и товарните бродови.
„Додека престојувам надвор од земјата, нашата служба за национална безбедност внимателно ја следи ситуацијата. Обезбедивме нашите бродови да можат безбедно да пловат и спречат вмешување на Кина во нашите територијални води“, изјави Цаи пред заминувањето од САД, а по состанокот со претседателот на Претставничкиот дом, со републиканецот Меккарти.
Кинеските власти се противат на официјалните контакти на други земји со Таван, бидејќи островот го сметаат за своја одметната покраина. Пекинг го зајакна воздушниот и поморски воен притисок и кибернетички напади на островот, откако претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси беше во посета на Тајпеј, што беше прва тава посета од која Вашингтон се воздржуваше повеќе од 25 години за да не се провоцира Пекинг. Потоа следеа уште две посети на Тајпеј на делегации на американски конгресмени.
Ситуацијата околу Тајван значително ескалираше минатата година по посетата на Ненси Пелоси на островот во август минатата година. Таа во тоа време беше претседател на Претставничкиот дом на САД. Кина, која го смета Тајван за една од своите провинции, ја осуди посетата на американскиот функционер, гледајќи во овој чекор поддршката на Вашингтон за тајванскиот сепаратизам. По посетата, Пекинг одржа големи воени вежби.