3.8 C
Skopje
сабота, јануари 11, 2025

САД ја повикаа Русија на итна истрага за труењето на Навални

Соединетите држави денес ја повикаа Русија „што е можно поскоро“ да ги испита тврдењата за труење на главниот политички противник на Кремљ, Алексеј Навални, со цел „да ги казни виновниците“.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, изрази во изјавата „екстремна загриженост“ на Вашингтон поради сомневање за труење на Навални изнесени од германските лекари откако тој бил пренесен од Русија во кома во Германија на лекување.

„Доколку се покаже како точно, Соединетите држави ќе го поддржат барањето на Европската унија за сеопфатна истрага и се подготвени да помогнат во таквата истрага“, додаде тој. „Семејството Навални и рускиот народ заслужуваат целосна и отворена истрага и казнување на сторителите“, рече тој, посакувајќи му на опозицискиот лидер „целосно закрепнување“.

Претходно, американскиот амбасадор во Москва, Џон Саливан изјави дека со оглед на тврдењата на германските лекари, „руските власти мора што поскоро да спроведат темелна и отворена истрага“, изјави неговата портпаролка Ребека Рос, цитирајќи ја неговата изјава.

Заменик државниот секретар на САД, Стивен Биегун, кој денеска беше во посета на Москва, рече дека е „исклучително загрижен“ за здравјето на Навални и за „последиците (од неговото наводно труење) врз руското граѓанско општество“.

Тој ја истакна „важноста на транспарентноста и слободата на говорот во секое демократско општество“, објави Рос.

Кремљ денес ги оцени заклучоците на германските лекари, кои тврдат дека Алексеј Навални е отруен, како избрзани, велејќи дека ова е „една од можностите“.

Лидерот на опозицијата е во индуцирана кома, во сериозна состојба, иако неговиот живот не е во опасност. Откако се разболел во авионот, бил примен во болница во Сибир, од каде бил пренесен во болницата Каритас во Берлин.