САД бараат итно да се формира Заедница на општини со српско мнозинство во Косово

САД се согласуваат со Европската унија дека неодамнешните случувања во односите меѓу Косово и Србија се крајно загрижувачки и дека го загрозуваат значителниот напредок постигнат во дијалогот овозможен од ЕУ, се вели во соопштението на Американската амбасада во Приштина, доставено до приштинските медиуми и се нагласува дека заминувањето од институциите не е решението.

Американската амбасада побара од косовските Срби да се вратат во институциите, вклучувајќи ги полициските сили, судството и локалната администрација.

Од друга страна, тие очекуваат косовските власти да го одложат процесот на пререгистрација на возилата и да ја прекинат „секаква казнена постапка против носителите на регистарски таблички додека страните не го решат проблемот со дијалог“.

Дополнително, американската амбасада бара „без одлагање да ги почитуваат своите обврски“.

„Ова значи и итен почеток на преговорите за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство. Собранието на Косово го ратификуваше Бриселскиот договор, а Уставниот суд на Косово донесе одлука за формирање Заедница на општини со српско мнозинство, со што нејзиното формирање е законска обврска за Косово. Континуираното неспроведување на оваа обврска од страна на Косово го нарушува принципот на владеење на правото и му штети на угледот и кредибилитетот на Косово“, се додава во соопштението пренесува српски Н1.

Амбасадата на САД побара од двете страни да ги намалат тензиите без да користат запалива реторика, да го изберат патот на дијалогот и да се воздржат од дејствија кои би довеле до насилство и конфронтација.

„Одговорноста на двете страни е да гарантираат мир и стабилност на теренот. Акциите како палење автомобили или заканувачката реторика се неприфатливи и ќе поттикнат соодветен одговор од меѓународната заедница“, се нагласува во соопштението.