САД бараат од Јапонија и Холандија уште построга забрана за извоз на опрема за чипови во Кина

Претставник на американското Министерство за трговија треба да ја посети Јапонија по Холандија за да ги повика сојузниците на Вашингтон дополнително да го ограничат извозот на опрема за производство на чипови во Кина, рекол извор на Reuters.

Во 2022 година САД ги ограничија домашните производители како „Nvidia“ и „Lam Research“ да извезуваат чипови и машини за нивно производство во Кина, тврдејќи дека тие претставуваат можна закана за националната безбедност поради нивната двојна намена.

Вашингтон одлучи да ги мобилизира и своите сојузници, а Јапонија, исто така, го ограничи извозот на група машини за производство на чипови во Кина минатиот јули. Главните јапонски производители се „Nikon“ и „Tokyo Electron“.

Од друга страна, Холандија го забрани извозот на најсовремени DUV машини произведени од ASML, најголемиот производител во светот, по иницијатива на САД. Вашингтон побара од Хаг да го забрани и сервисирањето на машините, истакнувајќи дека машините на ASML користат и американски делови и компоненти.

Вашингтон сега преговара со сојузниците да вклучи уште 11 кинески фабрики на списокот, изјавил извор на Reuters во средата. Пет имиња во моментов се на списокот, вклучувајќи го и SMIC, најголемиот кинески производител на чипови, додал.

Претставникот на американското Министерство за трговија задолжен за извозна политика Алан Естевез повторно ќе се обиде да го прошири минатогодишниот договор со Јапонија и Холандија за забрана на извозот на машини во Кина. САД велат дека сакаат да контролираат уште поширока група опрема за производство на чипови, посочил соговорникот на агенцијата.

Портпаролот на американското Министерство за трговија одбил за Reuters да ги коментира наводите на изворот.

Портпаролот на холандското Министерство за надворешни работи потврдил дека средбата се одржала во понеделникот како дел од тековните американско-холандски разговори за извозната политика и безбедност. „Холандија „секогаш е во постојан контакт со сојузниците“, рекол во одговорот.

Американски функционери ја посетија Холандија во април годинава за да побараат забрана за сервисирање на одредени машинина ASML извезени во Кина. Американските компании не смеат да сервисираат опрема во кинеските фабрики. Договорите за услуги на ASML сè уште се во сила, рекол изворот, објаснувајќи дека холандската влада не може да ги откаже.

Холандската компанија во април објави дека очекува да може да ги сервисира машините што ѝ ги продала на Кина, и покрај тоа што не ѝ е дозволено да користи резервни делови од САД. Во средата не ги коментираа информациите на изворот за проширување на списокот.

Кинеската амбасада во Вашингтон не одговорила веднаш на барањето на Reuters за коментар за иницијативата на САД.