Соединетите држави побараале од Европската унија да ја одложи планираната забрана за увоз на земјоделски производи кои се одгледуваат на раскрчено (расчистено) шумско земјиште, покажува писмото од група американски функционери, во кое се истакнува дека на американските извозници им треба повеќе време да се подготват.
Компаниите и трговците од следната година ќе треба да добијат сертификати дека производите што планираат да ги пласираат на пазарот на ЕУ, како соја, говедско месо, кафе и палмино масло, не поттикнале уништување на шумите. Европските земјоделци нема да смеат да извезуваат производи што се одгледуваат на обесшумени површини. Законот на ЕУ треба да стапи на сила на 30-ти декември.
Американските производители тешко ќе ги исполнат поставените услови до тој рок, истакнуваат во писмото до Европската комисија, американската трговска претставничка Кетрин Таи, министерот за земјоделство Томас Вилсак и министерката за трговија Џина Рајмондо.
„Затоа ја повикуваме Европската комисија да го одложи стапувањето во сила на оваа регулатива и последователните казнени мерки додека не се најде решение за овие големи предизвици“, се вели во писмото датирано од 30-ти мај.
Само шест месеци пред стапувањето на законот во сила, ЕУ сè уште нема пуштено во употреба систем за собирање на документацијата за производителите, ниту има дадено јасни насоки за неговото спроведување, ги објаснуваат американските власти проблемите со кои се соочуваат американските компании.
Информациите за писмото првпат ги објави деловниот весник Financial Times, забележува Reuters.
Портпаролот на Европската комисија во четвртокот потврди дека писмото е примено и дека Брисел на него ќе одговори во догледно време.
„Постојано ја следиме ситуацијата и работиме напорно за да се осигураме дека се исполнети сите услови за непречено спроведување на законот“, рекол за Reuters еден од порпаролите на ЕК.
Европското здружение на трговци со жито Coceral минатата седмица предупреди дека ниту Европската комисија, ниту надлежните органи на земјите-членки на ЕУ не се подготвени за спроведување на законот.
„Дури и информацискиот систем, ИТ, во кој секторот треба да внесуваат информации, не е подготвен“, рече шефицата на Coceral, Илијана Аксиотијадес.
На прашањето дали ќе се одложи имплементацијата на регулативата, Аксиотијадес вели дека верува оти ЕУ ќе донесе одлука која ќе го земе предвид недостигот од подготовка.
Плановите на ЕУ предизвикаа бран критики и во Индонезија и во Малезија, големи производители на палмово масло, и во Бразил, водечки производител на соја.
Европските увозници на кафе забрзано трупаат залихи, објави Меѓународната асоцијација за кафе (ICO) на крајот од мај. Европската унија е најголемиот пазар на кафе во светот, а производители се тропските земји.
Земјите како Бразил, Колумбија и Костарика се подобро подготвени за законот, кој бара од производителите да добијат потврда дека кафето не се произведува на обесшумена земја, додека малите фармери во африканските земји ќе имаат повеќе проблеми, објасни извршниот директор на ICO, Ванусија Ногуеира.