САД бараат од Израел да избегне дополнително раселување во случај на офанзива во јужниот дел на Газа

САД бараат од Израел да посвети поголемо внимание на заштитата на цивилите и ограничувањето на штетата на инфраструктурата доколку започне офанзива во јужниот дел на Газа за да спречи натамошно раселување на луѓето што би извршило дополнителен притисок врз хуманитарните напори, соопштија американските власти во вторникот.

Офанзивата на Израел во северниот дел на Газа се покажа како катастрофална, со најмалку 15.000 убиени според палестински и меѓународни извори, и огромен број луѓе кои останаа без своите домови, без храна, вода и гориво, принудени да побегнат на југот на енклавата.

Додека Израел се подготвува да ја продолжи војната против Хамас по паузата за ослободување на заложниците, американските власти тврдат дека разговараат со Израелците да обрнат поголемо внимание на заштитата на цивилите и инфраструктурата во случај на офанзива на југот на Појасот Газа, каде во моментов има околу два милиони луѓе.

„Многу јасно ѝ го нагласивме ова на израелската влада, многу е важно израелската воена кампања, кога се движи кон југ, да биде спроведена на начин што нема да предизвика значително понатамошно раселување на луѓето“, рекол за Reuters неименуван функционер.

Таа порака беше проследена од претседателот Џо Бајден, рекоа официјални лица. Според нив, раселувањето на луѓето од север не може да се повтори на југот на енклавата бидејќи ќе го надмине капацитетот на хуманитарните напори.

„Тоа не може да се случи“, додал функционерот.

Офанзивата во централниот и јужниот дел на Појасот Газа треба да ги избегне локациите на хуманитарните здруженија, болниците и да ја поштеди водоводната и електричната инфраструктура.

Во вторник, првиот од трите американски воени авиони кои ја носат потребната помош во Газа треба да слета на северот на египетскиот Синајски полуостров. Помошта се состои од лекови и други медицински материјали, храна и неопходни работи за зимата, а ќе биде доставена од ОН. Во моментов, околу 240 камиони со помош пристигнуваат во Газа секој ден.

Во Појасот Газа, четиридневното примирје што требаше да истече во вторник наутро беше продолжено за дополнителни 48 часа, а во текот на денот се очекува ново ослободување на заложниците заробени од Хамас, како и на палестинските затвореници од израелските затвори.