САД бараат од компаниите поголемо производство на нафта и гас

Секоја нафтена и гасна компанија која може да го зголеми снабдувањето би требало тоа да го стори што поскоро поради енергетската криза којашто е предизвикана од најновиот круг американски и западни одмазнички санкции поради руската воеан операција во Украина, апелира американската министерка за енергетика Џенифер Гренхолм.

Глобалната побарувчка на нафта ја надмина понудата и пред почетокот на руските воени операции во Украина, поттикната од закрепнувањето на стопанствата од пандемиската криза, а санкциите наметнати на енергетскиот и финанискиот сектор на Русија, предизвикаа дополнителни проблеми на светскиот пазар.

Русија извезува меѓу 4 и 5 милиони барели сирова нафта дневно, што е повеќе од сите други големи произведувачи освен Саудиска Арабија, но нејзините произведувачи по американското санкциите, покрај во плаќањата се попречувани и во транспортот.

САД претходно седмицава воведоа и ембарго на увозот на руската нафта, што не ги вознемири претерано тргвоците, имајќи предви дека според нивните процени американските производители би можеле да го надоместат увозот од Русија. Но, американската министерка за енергетика, сепак, ги повика компаниите да го зголемат производството.

„Во овој момент од кризата потребни ни се повеќе барели. Потребно ни е поголемо производство на нафта и гас за да ја задоволиме сегашната побарувачка“, рече Гренхолм на маргините на конференцијата „CERAWeek energy“ во Хјустон.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден разговара со партнери ширум светот за да поттикне поголемо производство, уверуваше Гренхолм. Таа и изминатите денови заедно со другите американски функционери постојано и гласно бараше поголемо снабдување, бидејќи владата во Вашингтон поради поскапувањето на горивата, што во САД е особено чувствително политичко прашање, се најде на удар на жестоки критики.

„Мораме одговорно да ја зголемиме краткорочната понуда онаму каде што можеме за да го стабилизираме пазарот“, рече американската министерка за енергетика.

Двата најголеми американски производитела на нафта, се чини, се задоволни од настапот на министерката.

„Индустријата е фокусирана на испорака на ценовно пристапна, сигурна и сѐ почиста енергија за да му отвори пат на човештвото. Многу ни е мило што (министерката) тоа го кажа (дека треба да се зголеми производството). Ќе ни биде потребно време“, изјави Џеф Густавсон, потпретседател на одделот „Lower Carbon Energie“ во компанијата „Chevron“.

Гренхолм, сепак, призна дека е тешко да се усогласи потребата од поголеми количества нафта и гас со важноста од преминот на обновливи извори на енергија во наводната борба против глобалното затоплување.

„Не смееме да ги тргнеме од умот ниту климатските промени“, истакна американската министерка, тврдејќи дека е „можно да се работи на овие два колосека“.

Обединетите Арапски Емирати, една од највлијателните членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC), по неколкудненовот неогласување на повиците од Вашингтон, во средата порачаа дека ќе го разгледа предлогот за поголемо снабдување.

„Наклонети сме кон зголемување на производството и ќе го поттикнуваме OPEC да разгледа повисоки нивоа на производство“, изјави амасадорот на ОАЕ во САД, Јусуф ал-Отаиба.

Неговата изјава ја исправи дополнително министерот за енергетика на ОАЕ, Сухаил ал-Маздуеи, велејќи дека неговата земја ќе го почитува договорот на OPEC и другите земји големи производители на нафта предводени од Русија, како и прецизираниот механизам за месечно прилагодување на производството.

Таканаречениот нафтен картел OPEC+ се среќава секој месец за да го разгледа договорот за зголемување на производството за 400.000 барели дневно, постепено нормализирајќи го пазарот по намалувањето за 10 милиони барели дневно во времето на пандемијата на коронавирусот. Досега на пазарот вратија 5,8 милиони барели дневно и се оглушуваат на апелите на пазарот да испорачуваат значително повеќе барели, повикувајќи се на органичените слободни капацитети.