Државниот погреб на поранешниот американски претседател Џими Картер ќе се одржи на 9 јануари во Националната катедрала во Вашингтон, кога ќе биде прогласен Ден на жалост за најдолговечниот поранешен американски претседател, пишува во понеделник The New York Times.
Со тоа ќе заврши повеќе од една седмица церемонии и оддавање почит, соопштија организаторите во понеделникот, според NYT. Претседателот Џо Бајден треба да го одржи прошталниот говор, според истиот извор.
Волтер Мондејл, потпретседателот на Картер, имал намера да одржи говор на погребот на неговиот поранешен шеф, но тој почина во 2021 година. Неговиот син сега планира да го прочита говорот, објави весникот.
Џими Картер почина во неделата на 100-годишна возраст во својот дом во Плејнс, во сојузната држава Џорџија.
Во рамките на погребната церемонија, на починатиот претседател ќе му биде доделена почит во Картер центарот во Атланта, главниот град на Џорџија, а потоа и во Капитол во Вашингтон.
Во согласност со американскиот обичај за одбележување на смртта на важни личности и лидери, претседателот Џо Бајден нареди американските знамиња на федералните згради да се веат на половина копје 30 дена, што треба да ја вклучи и инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп.
Картер ќе биде погребан на семејниот имот во Плејнс, покрај неговата сопруга Розалин, која почина во ноември 2023 година на 96-годишна возраст.
„Тој го отелотвори најдоброто од Америка: понизен слуга на Бог и на луѓето“, рече Бајден за 39-от американски претседател.