Одржувањето на јахтата „Amadea“, којашто наводно е во сопственост на рускиот политичар член на горниот дом на парламентот, милијардерот Сулејман Керимов, во САД ќе го чини Вашингтон меѓу 25 и 30 милиони долари за една година, објави во вторникот агенцијата Bloomberg повикувајќи се на судски документи.
Во прилогот се забележува дека имајќи предвид дека јахтата, којашто е проценета на 325 милиони долари, е запленета од САД, и нејзиното одржување и ремонтот ќе падне на товар на државата.
Во јуни јахтата вплови во пристаништето во Хонолули, во сојузната американска држава Хаваи, пловејќи под американско знаме. Во понеделникот, пак, според Bloomberg пловилото бил вкотвено во Сан Диего на калифорнискиот брег. Самата конфискација на јахтата во написот е опишана како „голема победа за САД“.
Покрај тоа, агенцијата забележува дека некои земји можеби нема да ја признаат конфискацијата и пренесувањето на сопственоста на јахтата, па потенцијалните купувачи треба да бидат претпазливи. САД, инаку, имаа намера запленетите сопствености на руските политичари и милијардери да ги продадат и средствата да ги вложат во фонд за обнова на Украина. Другите земји се внимателни, во овој поглед и задржуваат пловила врз основа на сомневање за сопственоста а без продажба, бидејќи имаат проблеми тешкотиите при утврдување на вистинската сопственост на бродот поради префрлувања и криење на вистинскиот сопственик.
Јахтата којашто му се припишува на Керимов властите на Фиџи на 14-ти април ја запленија, откако навлегла без дозвола во ексклузивната економска зона. Властите потоа трагаа по името на сопственикот и матичното пристаниште, при што соопштија дека според првичните сознанија му припаѓа на рускиот сенатор Сулејман Керимов.
Во меѓувреме американското Министерство за правда испрати налог за нејзино одземање. Запленувањето подоцна беше оспорено од компанијата „Millemarin Investment“, која изјави дека јахтата не му припаѓа на Керимов, туку на поранешниот претседател и извршен директот на руската нафтена државна компанија „Роснефт“, Едуард Худаинатов. Но американските власти тврдат дека Худаинатов, кој не е меѓу санкционираните Руси во САД, бил наводно искористен за да се прикрие идентитетот на вистинскиот сопственик на јахтата.
Од почетокот на мај во Фиџи се одржуваа десетици судски рочишта на разни инстанции, на кои властите се обидуваа да ја решат судбината на пловилото, односно да дозволат да исплови од територијалните води или да го запленат. На 7-ми јуни Врховниот суд на Фиџи донесе одлука да им се дозволи на претставниците на американското Министерство за правда да ја земат јахтата.