САД ќе ѝ продадат 250 тенкови на Полска

Вашингтон ќе ѝ продаде на Варшава повеќе од 250 тенкови од верзијата „Abrams M1A2 SEPv3“, соопшти во петокот полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак среде тензиите на Западот и Русија околу Украина и настојувањата на САД да го зајакнат источното крило на НАТО во близина на руските граници.

„Многу важни вести за безбедноста на Полска. Стејт департментот (на САД) даде согласност за продажба на 250 тенкови Abrams од најновата верзија M1A2 SEPv3“, напиша на Twitter министерот Блашчак.

Според него, станува збор за еден од „најзначајните воени договори во полската историја“ и додава дека тоа е „исклучително важно за зајакнување на полските одбранбени способности“.

Во претходниот период, кога беше објавена намерата за набавка на тенковите, полските власти известија дека планираат да ги распоредат на источните граници на земјата, односно кон Белорусија и Украина.

Од крајот на минатата година ескалираа тензиите меѓу Западот, всушност САД, Велика Британија и НАТО и Русија, поради наводната инвазија којашто Москва планира да ја изведе врз соседната Украина, што оваа го отфрла. Во таа смисла Вашингтон, Лондон и Брисел интензивно ја вооружуваат со офанзивно оружје украинската армија, а го зголемуваат и своето воено присуство во Полска и на Балтикот на самите руски граници, каде со години се изведуваат контиунурани воени вежби на западните сојузници.

САД минатиот месец објавија дека планираат привремено да прекомадуваат дополнителни 4.700 свои војници во Полска, која е членка на НАТО и ЕУ, како одговор на наводното руско трупање војници во близина на руско-украинската гранциа. Со тоа засилување, бројот на американските војници во Полска се искачува на 10.000 лица.

Генерал-мајорот Крис Донахју изјави за новинарите на почетокот од распоредувањето дека американските војници ќе го „бранат, долку биде потребно“, кој и да е дел од НАТО“. „Ова распоредување е мерка на претпазливост за заеднички да се спречи секој воен план. Тоа има одбранбен карактер“, истакна тогаш Донахју.