САД ги најавуват „сите неопходни акции“ за заштита на своите војници на Блискиот исток

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин изјави во понеделникот дека Соединетите држави ќе ги преземат „сите неопходни дејствија“ за да ги одбранат своите трупи по нападот од страна на проиранските милитанти, како што тврди Вашингтон, во Јордан, при што загинаа тројца американци војници, а десетици беа повредени.

Нападот во неделата беше првиот смртоносен за американските војници од почетокот на израелската офанзива на Појасот Газа во октомври, и претставува голема ескалација на тензиите на Блискиот исток.

„Дозволете ми да започнам со мојот гнев и тага поради смртта на тројца храбри американски војници во Јордан, како и други кои беа повредени. Претседателот и јас нема да толерираме напади врз американските сили и ќе ги преземеме сите неопходни активности за да ги одбраниме САД и нашите војници“, рече Остин во Пентагон пред средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

САД се обидуваат да утврдат зошто 350 војници во базата во Јордан, позната како Кулата 22, не успеале да го запрат дронот. Двајца американски функционери изјавија за Reuters дека беспилотно летало на напаѓачите се движело кон базата во исто време кога американскиот дрон се враќал во неа. Еден од функционерите додал дека дронот на напаѓачите летал многу ниско, што можеби придонело одбраната на базата да не го открие.

Јордан, пак, во неделата објави дека нападот не се случил на негова територија, туку во соседната Сирија. Портпаролот на јорданската влада Муханад ал-Мубаидин изјави за јорданската јавна телевизија дека целта на нападот била американската база во сирискиот регион Ал Танф.

Американските војници беа нападнати повеќе од 150 пати во Ирак, Сирија и Јордан, како и на воени бродови во Црвеното Море каде јеменските Хути ги гаѓаат со ракети и беспилотни летала. Овие напади го зголемуваат притисокот врз американскиот претседател Џо Бајден директно да го нападне Иран, што тој не сака да го направи бидејќи се плаши од започнување на поширока војна.

Одговорот на американската влада може да се движи од целење на иранските сили надвор од Исламската Република, па дури и внатре во нејзината територија, до помека стратегија за напад само на проиранските милитанти кои ја презедоа одговорноста, велат експертите.

Одговорноста за нападот ја презеде Исламскиот отпор во Ирак, шиитска милиција која одржува тесна соработка со Иран, која активна во Ирак и Сирија каде што се бореше против ултрарадикалната сунитска џихадистичка организација Исламска држава.

„Иран продолжува да го дестабилизира регионот, а тоа вклучува и поддршка на терористите кои ги напаѓаат нашите бродови во Црвеното Море“, рече Столтенберг.