САД ги поддржуваат разговорите за името под мандатот на ОН, без директно вклучување

Не е местото на САД да го решаваат спорот за името, но ги поддржуваме разговорите кои се водат под мандатот на Обединетите нации, изјави Бен Роудс, заменик советник за национална безбедност на претседателот Барак Обама, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Роудс најави дека НАТО ќе биде на агендата на претседателот Обама при неговата посета на Брисел следниот месец.

„Мислиме дека не е местото на САД да го разрешат ова прашање. Ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите на Обединетите нации и на пратеникот кој работи со двете земји да го решат прашањето. Крајната цел е да продолжат евро-атланските интеграции и поблиски врски во Jугоисточна Европа. Сметаме дека најдобар процес е процесот воден од ОН, тие имаат искуство, знаење и меѓународен легитимитет. Нашиот пристап во догледна иднина ќе биде да го поддржуваме пратеникот на ОН, со цел да продолжат евро-атланските интеграции“, изјави Роудс, кој вчера пред странските дописници во Вашингтон ги претстави надворешно-политичките цели на претседателот Обама, еден ден по обраќањето на претседателот до нацијата.

Роудс воедно најави дека состојбите во Европа ќе бидат еден од приоритетите на претседателот Обама, кој планира повеќе посети почнувајќи од Брисел, каде меѓу другото ќе се разговара за модернизирање на НАТО сојузот, во пресрет на самитот кој Алијансата ќе го одржи во септември во Британија.

Изјавата на Роудс доаѓа бргу по заедничката изјава на сенаторите Џон Мекејн и Кристофер Марфи кои го поддржаа барањето на Македонија за прием во НАТО, меѓу другото и затоа што со проширувањето на Алијансата мора да се испрати порака и до земјите како Украина и Грузија. Советникот на претседателот Обама за стратегиска комуникација, Бен Роудс на вчерашниот брифинг изрази поддршка на САД за Украина, во барањето на нивните граѓани за интеграција со западните земји.

Во меѓувреме, втора година по ред, Македонија се најде во извештајот на Директоратот за национално разузнавање на САД, како потенцијална кризна точка во Европа. Извештајот оценува дека колку што подолго македонските интеграции во НАТО и во Европската Унија остануваат попречени поради спорот со Грција и поради влошените билатерални односи со Бугарија, толку поголеми се ризиците од зголемување на етничките тензии. Во извештајот, кој вчера беше претставен пред Комисијата за разузнавање на американскиот Сенат, се оценува дека Македонија се оддалечува од евро-атланските интеграции поради националните програми на македонската Влада. Извештајот ја посочува Босна како водечки проблем на Балканот и предупредува на подем на национализмот и радикалните политички партии во повеќе европски држави како Холандија и Франција, како последица на европската економска криза.

За претстојниот самит на НАТО, извештајот кој беше претставен од страна на директорот за национално разузнавање Џејмс Клапер, оценува дека самитот во Британија ќе биде можност да се зацврсти поентата на постоењето на НАТО, како и да се именува новиот генерален секретар.