Американскиот министер за одбрана Лојд Остин ги повика во петокот сојузниците да „загребаат подлабоко“ во давањето воена поддршка на Украина на почетокот од состанокот на министрите за одбрана во американската воздухопловна база Рамштајн во западна Германија, зголемувајќи го притисокот врз Берлин да ѝ испорача на украинската војска свои модерни тешки офанзивни тенкови „Leopard 2“ кои Киев ги бара во стотици во услови кога руските единици во повеќе правци го пробиваат фронтот на украинскиот исток.
Челниците на НАТО и министрите за одбрана на севкупно околу 50 земји, како што се известува, се состанаа во Рамштајн во последната од многуте такви конференции за вооружување на Украина во војната против Русија која кон крајот на ланскиот февруари изврши инвазија оправдувајќи ја со заштита на тамошното руско и проруско население.
„Русија спроведува прегрупирање, регрутира и се обидува повторно да се опреми. Ова не е момент за забавување. Време е подлабоко да се зафати. Украинскиот народ нѐ следи“, рече Остин на почетокот од состанокот без да пружи докази за тврдењата.
Но, како што пренесуваат агенциите, американскиот министер за одбрана не ги споменал тенковите, за кои се верува дека ќе бидат централна тема на овој состанок.
САД во четвртокот најави нов пакет од оружје во износ од 2,5 милијарди долари во оружје за Украина, кој вклучува стотици борбено оклопни возила, проектили за повеќекратните ракетни системи и други видови муниција.
Вашингтон и овојпат не се реши за испраќање на тенковите „Abrams“, но затоа, пак, главните фокус во Рамштајн ќе биде ставен на тоа дали Германија ќе ѝ ги испорача на Украина своите тенкови „Leopard 2“, или барем да им го одобри нивниот трансфер на трети земји, кои според обврските од договорот мора да ја имаат согласноста од Берлин а веќе изјавиле подготвеност да ги испорачаат на украинската војска.
Претходно извори до германската влада соопштија дека ќе дадат одобрување, и покрај големото противење на Германците што го покажуваат анкетите, доколку САД се согласат да ги испратат своите „Abrams“ тенкови. Но Вашингтон јасно даде до знаење дека нема да ги испорача тие тенкови во скора иднина. Тврди дека тоа би бил кошмар за украинските сили поради големата потрошувачка на горива за нив и сложеното и скапо нивно одржување.
Во едно од своите први интервјуа како нов германски министер за одбрана, Борис Писториус експлицитно не ги спомена испораките на американските „Abrams“ како предуслов за испораките на германските „Leopard 2“.
„Свесни сме дека тој (тенкот Leopard) може да игра важна улога… Никој не ја исклучува можноста за испораки или одобрување за испораки од другите европски партнери“, изјави Писториус во четвртокот доцна вечерта во интервју за јавната телевизија ZDF нагласувајќи ја притоа важноста од „заедничките трансатлантски“ одлуки.
Полска би можела да ги испрати тенковите „Leopard 2“ во Украина, дури и без одобрување од Германија за натамошен реекстпорт, изјави во петокот полскиот заменик министер за надворешни работи.
Велика Британија се обиде претходната седмица да изврши притисок врз Германија по ова прашање, најавувајќи дека ќе испрати 12 или 14, според разни изјави, од своите главни борбени тенкови „Challenger 2“ иако Киев бараше најмалку 50, заедно со дополнителна артилериска поддршка за украинската војска.