Американската министерка за финансии, поранешна претседателка на американската централна банка Federal Reserve (Fed), Џанет Јелен, ги повика партнерите и сојузниците да ги забрзаат исплатите на парите ветени за финансиска помош на Украина,
Јелен ми изрази сочувство на украинскиот министер за финансии Сергеј Марченко и на други високи украински функционери поради масовниот руски ракетен напад врз украинските градови кој ја разорија командната и енергетската инфраструктура и вети „континуирана поддршка“ од САД.
„Уште еднаш светот го виде вистинскиот карактер на руската варварска и незаконска војна. САД продолжуваат решително да стојат крај Украина и украинскиот народ. Ќе продолжиме да ве поддржуваме додека повторно ја градите просперитетната и слободна Украина“, му порача Јелен на Марченко и на украинската делегација пред состанокот.
Покрај речиси 17-те милијарди долари во оружје само од почетокот на војната на крајот од февруари, Вашингтон има намера да ѝ исплати 4,5 милијарди долари директна помош на Украина во следните седмици, уверува Јелен.
Американскиот Конгрес одобри нови средства пред две седмици, со што вкупната директна буџетска помош на САД за Украина пораснала на 13,5 милијарди долари, потсети министерката за финансии.
„Доследни сме во тоа што поскоро да ги добиете овие средства, бидејќи знаеме колку е тоа важно за поддршката на вашиот храбар отпор на руската нелегална инвазија“, рече Јелен.
Потсети дека САД се придружиле и на главните доверители на Украина во запирањето на плаќањето на билатералниот долг на Киев, во текот на оваа и следната година.
„Но дозволете ми да бидам јасна: меѓународната поддршка на Украина е заеднички напор. Ги повикуваме нашите партнери и сојузници да ни се придружат со брза исплатата на своите постојни обврски кон Украина“, рече Јелен.
Киев наведе претходно дека му се потребни уште пет милијарди долари на месец во долгорочни обврски за да ги покрие своите буџетски трошоци, што ги вклучува пензиите и воената потрошувачка, како и да продолжи да ги сервисира своите долгови кон домашните украински банки.
Апелот на Јелен ја отсликува фрустрацијата на американските и украинските функционери поради Европската унија, којашто вети дека ќе ѝ помогне на Украина со 9 милијарди долари, но досега исплатила само милијарда долари, пишува Reuters.
Јелен и министрите за финансии на земјите членки на Г7 подоцна во средата ќе разговараат за потребите на Украина, на маргините на годишниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.
Претставниците на ММФ и на Украина следната седмица ќе се сретнат во Виена поради техничко разгледување на буџетот на Украина, со намера да се постават основите за идната целосна програма на кредитирање.
Германија, којашто претседава со Г7, ќе биде домаќин на конференцијата за опоравување на Украина во Берлин на 25-ти октомври.