САД ги смируваат сојузниците во НАТО, но не ја откриваат стратегијата

Вашингтон во средата им порача на своите европски сојузници дека претседателот Џо Бајден сака да стави крај на политиката на еднострани потези, но САД во текот на првиот министерски состанок во организација на НАТО годинава не ги откриваат своите намери во поглед на повлекувањето од Авганистан, ниту за своите стратешки приоритети.

Новиот шеф на Пентагон, Лојд Остин, кој поради пандемијата на коронавирусот остана во Вашингтон, им се обрати на 29-те колеги во Алијансата преку видеоконференција. Американскиот министер за одбрана своите намери ги откри пред состаникот во колумната во весникот The Washington Post.

„Мојата порака до колегите ќе биде јасна, мораме да се советуваме, заедно да одлучуваме и заедно да дејствуваме. Убеден сум дека Соединетите држави се посилни кога дејствуваат тимски“, наведе Остин.

Неговиот прев состанок со колегите во НАТО трае два дена и разговорите во средата беа насочени на подготовката на следниот самит на Алијансата. Сѐ уште не е одреден датумот, но од дипломатски извори се дознава дека треба да се одржи во јуни. Средбата на министрите за надворешни работи со американскиот државен секретар Ентони Блинкен е предвиден за 23-ти и 24-ти март.