САД го одобрија првиот лек за замастен црн дроб

Американската Агенција за храна и лекови (FDA) во четвртокот го одобри лекот на фармацевтската компанија „Madrigal Pharmaceuticals“ за третман на заболување на замастен црн дроб, познато како неалкохолен стеатохепатитис (NASH), првиот третман што доби одобрение за третирање на таквата состојба, а тоа на американската компанија и отвора можност вредна повеќе милијарди долари.

Акциите на „Madrigal Pharmaceuticals“ пораснаа за 24 отсто до 301,99 долари во продолженото тргување на Волстрит во четвртокот, по објавувањето на FDA.

NASH, неодамна преименуван во стеатохепатитис поврзан со метаболичка дисфункција (MASH), погаѓа околу 1,5 милиони луѓе само во САД, според проценките на компанијата, но досега немаше одобрен лек за него.

Оралниот лек на „Madrigal“ ќе биде достапен под брендот „Rezdiffra“ почнувајќи од април, објави извршниот директор Бил Сиболд. Компанијата ја одреди цената на лекот по годишна големопродажна цена од 47.400 долари. Аналитичарката на „Evercore ISI“, Лииса Бајко, проценува дека годишната продажба на „Rezdiffra“ ќе надмине 5 милијарди долари.

Лекот на Madrigal Pharmaceuticals“ е одобрен за пациенти кои имаат NASH со фиброза или лузни кои напредувале до степен 2 или 3 според сериозност, објави компанијата во четвртокот.

Причината за појавата на NASH не е целосно разјаснета. Најчесто се поврзува со дебелина, хипотироидизам, дијабетес, високи нивоа на маснотии во крвта и слични здравствени проблеми. Предизвикува прекумерна акумулација на маснотии во црниот дроб и предизвикува воспаление и фиброза или лузни на органот.

Одобрувањето од FDA означува пресвртница за пациентите, по низата неуспеси во изминатата деценија, вели Лорејн Стихл, извршна директорка директор на организација за застапување пациенти „American Liver Foundation“, додавајќи дека одобрението „ќе ја отвори вратата за повеќе терапевтски лекови, кои се очајно потребни“.

Компаниите „Akero Therapeutics“, „89bio“, „Viking Therapeutics“ и „Sagimet Biosciences“ спроведуваат испитувања на нивните лекови за болеста во средна и доцна фаза.