САД го повикуваат Израел да биде „целосно транспарентен“ по нападот врз училиштето на ОН

Соединетите држави повикаа на истрага за смртоносниот израелски воздушен напад врз училиште управувано од Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (UNRWA) во централниот дел од палестинската енклава Појасот Газа и му порачаа на Израел дека мора да биде „целосно транспарентен“.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер, изјави дека дури и ако израелската војска имала намера да ги гаѓа милитантите на Хамас, тврдењата за децата убиени во нападот „покажуваат дека нешто тргнало наопаку“.

Милер рече дека е право на Израел да ги гаѓа милитантите на Хамас, истовремено нагласувајќи ја обврската да се минимизира штетата на цивилите и да се преземат сите можни чекори за тоа. Рече и дека САД виделе извештаи дека 14 деца биле убиени во нападот.

„Ако е вистина дека се убиени 14 деца, тие не се терористи“, рече Милер. „Сето тоа се факти кои треба да се проверат и тоа сакаме да се случи“, додаде американскиот дипломат.

Според UNRWA, училишна зграда во бегалската област Нусејрат била користена како засолниште за итни случаи.

Здравствените власти во Газа, со кој владее движењето Хамас, соопштија дека најмалку 30 луѓе биле убиени во нападот во средата вечерта, а повеќето од жртвите биле жени и деца. Хамас соопшти дека загинале 40 луѓе. Првично не беше можно самостојно да се провери оваа информација, пренесува DPA.

Израелската војска објави дека верува дека 20 до 30 припадници на Хамас и на палестинскиот Исламски џихад наводно биле во три училници во училишна зграда во бегалската населба Нусејрат.