САД го присилиле Израел да не се впушта во обемен напад врз Иран

Бенјамин Нетанјаху сакал уништување на голем број армиски цели низ цел Иран, па дури и во Техеран, но се соочил со жестока дипломатска интервенција од Вашингтон

Израелските лидери планирале „обемен контраудар на Иран“, откако Техеран изврши напад со лансирање на стотици дронови и проектили врз Израел, минатиот викенд. Но, пред да сторат било што, Израелците се соочиле со огромен притисок од САД и неколку други сојузнички земји, при што биле приморани да ја стопираат воената операција, пишува американскиот дневен весник „Њујорк Тајмс“, пренесува НетПрес.

Израелската армија таргетирала цели во Иран, со дронови и воздушни проектили, уште во петокот, според официјални американски лица, кои ги брифирале новинарите на весникот.

Додека западни официјални претставници веруваат дека израелски проектили погодиле ирански воздушни бази, Техеран објави дека е нападнат само со мали квадрикоптери дронови. Истовремено, иранскиот министер за надворешни работи, Хусеин Амирабдулахиан, ги опиша леталата како „детски играчки“, кои лесно биле соборени.

Според објавениот текст во „Њујорк Тајмс“, Израел имал намера за опсежен напад, кој требало да се случи во неколку бранови, а целта биле воени бази низ цел Иран, вклучувајќи го и Техеран. Но, САД, Велика Британија и Германија извршиле „усогласен дипломатски притисок“ врз Бенјамин Нетанјаху, и успеале да го присилат на многу ограничен воен одговор.

„Со таквата реакција е избегната штета, и значително се намали веројатноста за ескалација“, пишува весникот.