![Skot Riter](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/Skot-Riter.jpg?resize=685%2C429&ssl=1)
Пензионираниот американски разузнавач и воен аналитичар Скот Ритер изјави ноќта кон вторникот за руската државна новинска агенција РИА дека не му било дозволено да лета од Њујорк за да учествува на Меѓународниот економски форум кој подоцна седмицава ќе се одржи во Санкт Петербург.
„Кога се качував на летот од Њујорк, настрана ме тргнаа тројца службеници на царинско-пограничната агенција кои ми го одземаа пасошот. На прашањето ‘зошто’, одговорија дека постапуваат по наредба на Стејт департментот. Никакви дополнителни појаснувања не ми беа дадени“, изјавил Ритер за агенцијата.
Во изјавата за РИА, поранешниот американски разузнавач истакнува дека неговиот багаж бил симнат од летот а тој бил изведен надвор од територијата на аеродромот.
Според Ритер, заедно со него на форумот во Санкт Петербург требало да патува и поранешниот судија Ендрју Наполитано, автор и водител на подкастот Јudging Freedom. И нему, вели Ритер, исто така не му дозволиле да се качи во авионот.
Ритар во изјавата додава дека најверојатно нема навреме да допатува во Санкт Петербург за почетокот на форумот.
„Знам дека тие (американските власти) стравуваат… Но јас повторно ќе се обидам да отпатувам за Русија, бидејќи верувам дека е важно да се патува во Русија за да се учествува во активности за подобро промовирање на подобрувањето на односите меѓу нашите земји“, истакнува Ритер.
Пензионираниот воен разузнавач појаснува дека пасошот сѐ уште не му е вратен, а тој ги собира податоците за да ја оспори одлуката на американските власти, веројатно и преку судски пат.
Поранешниот воен разузнавач Скот Ритер, своевремено известувач на ОН во истрагата за оружја за масовно уништување во Ирак, е познат по неговите проруски ставови. Во своите редовни објави на социјалните мрежи и подкасти, тој активно ги коментира борбените дејствија во Украина, а притоа жестоко ја критикува администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден поради учеството на САД во конфликтот, како и политиките на украинскиот претседател Володомир Зеленски.