Американскиот државен секретар Марко Рубио наложил итно замрзнување на финансирање на речиси сите програми за помош од странство во следните 90 дена, вклучително и за Украина, објави изданието Politico, повикувајќи се на неименуван извор.
„Наредбата се однесува на речиси сите постоечки програми, со исклучок на Израел и Египет“, се вели во написот.
Според директивата испратена до сите дипломатски и конзуларни претставништва на САД, претставниците на Стејт департментот се обврзани да издаваат наредби за прекин и откажување за повеќето активни грантови за странска помош.
Како што е наведено, одлуките за продолжување, менување или прекинување на програмите ќе бидат донесени по прегледот спроведен лично од државниот секретар. Се забележува дека ваквото големо суспендирање предизвикало шок кај сегашните и поранешни службеници во одделот.
„Стејт департментот буквално ги крена во воздух сите програми за странска помош“, изјавил еден од службениците во разговор за изданието.
Изворите на Politico велат дека директивата влијае на поддршката за клучните сојузници на САД, вклучувајќи ги Украина, Јордан и Тајван.
Стејт департментот сè уште не одговорил на барањата на изданието за коментар.