САД го суспендираа финансирањето на СЗО

Соединетите држави го суспендираа уплаќањето на својот удел во буџетот на Светската здравствена организација (СЗО – WHO), соопшти во вторникот на брифингот за новинарите во Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп.

„Денеска ѝ порачав на администрацијата да ги запре придонесите во СОЗ, до спроведувањето на процената за улогата на организацијата во лошото управување и криењето (податоци) за ширењето на коронавирусот“, рече Трамп.

„Сите знаат што се случи. Американските даночни обврзнции плаќаа 400 до 500 милиони американски долари годинишно во буџетот на СЗО. За споредба, Кина плаќа 40 милиони долари“, додаде Трамп.

Минатиот четврток по неговите закани во овој контекст, Белата куќа започна да работи на план за кастрењето на средствата кои САД ги уплаќаат на сметката на СЗО, како и на проверката на реакциите на организацијата на ширењето на коронавирусот по неговото појавување во Кина.

Како што и претходно обвини американскиот претседател, СЗО не ги давала навремено информациите, а исто така не ја изнела вистината за новиот тип коронавирус и неговото ширење пред светската јавност.

Претходниот период Трамп постојано ја критикуваше СЗО дека наводно била „премногу фокусирана на Кина“, иако во најголем дел оваа агенција при Обединетите нации е финансирана од САД. Поради тоа, тој навести дека ќе го преиспита финансирањето на организацијата. Особено ја обвини СЗО за задоцнето предупредување за опасноста од Ковид-19 и прифаќање на сомнителните ставови на Кина дека вирусот не се пренесува од човек на човек.

Во јануари, СЗО испрати соопштение дека „прелиминарните истраги спроведени од кинеските власти не најдоа јасни докази за пренос на вирусот од човек на човек“.Нејзиниот челник Тедрос Аденом Гебрејесус подоцна ја пофали Кина за брзото мапирање на генот на вирусот и „транспарентноста на нејзината влада“, а потоа во февруари истакна дека Кина прва презела мерки со што целиот свет добил „шанса да се бори“ за да го запре ширењето на коронавирусот“.