САД го тужат Едвард Сноуден, кој со објавувањето на тајни документи во 2013 година го откри масовното американско прислушување на комуникации во целиот свет, и бараат конфискација на сите приходи од продажбата на неговата книга која беше објавена вчера.
Министерството за правда на САД соопшти дека вчера е покрената тужба.
Според соопштението, Сноуден ја објавил книгата без претходно да ја достави на преглед, со што ги прекршил договорите потпишани со Националната агенција за безбедност (НСА) и Централната разузнавачка агенција (ЦИА).
Во 20 земји вчера почна продажбата на мемоарите на Едвард Сноуден „Permanent Record“, поранешен вработен во Агенцијата за национална безбедност (НСА) на САД и еден од најпознатите информатори и свиркачи.
Во интервјуто за францускиот медиум „Франс Интер“, Сноуден изјави дека заштитата на свиркачите не е „непријателски акт“. Затоа, смета тој, постои можност да се пресели во Франција, каде може да биде под заштита на законот.
Сноуден од 2013 година е во Русија, единствена земја која му даде законски азил откако тој објави информации за програмата за тајно следење креирана од американските тајни служби. Тој побара азил и од поранешниот француски претседател Франсоа Оланд, и од неколку други земји, но единствена реална можност да се скрие од прогонот на Вашингтон е прибежиштето во Русија.