САД и 13 други земји бараат втора фаза во истрагата за потеклото на коронавирусот

САД и уште 13 држави изразија сомневање во студијата на Светската здравствена организација (СЗО) за можното потекло на коронавирусот во Кина, укажувајќи на доцнењето и немањето пристап до примероците и податоците.

Заедничката студија на СЗО и Кина објавена вчера вели дека преносот на вирусот од лилјаците преку некои други животни на луѓето, е најизгледното сценарио и оти излегувањето на вирусот од лабораторија е „многу малку веројатно“. Студијата бара натамошно проучување, а генералниот директор на СЗО Тедрос Гебрејесус изјави дека сите хипотези се отворени.

По објавувањето на студијата, Стејт Департментот соопшти дека 14 држави бараат поттик за спроведување на втора фаза на испитување и укажуваат на потребата од натамошни студии врз животни „за да се утврди начинот на пренесување на вирусот врз луѓе“.

Тие држави изразија поддршка за стручњаците и персоналот на СЗО, поздравувајќи ја нивната „неуморна работа“ за завршување на пандемијата и разбирањето на нејзиното потекло за да се спречи повторување на пандемијата. Но, нагласија дека студијата „многу доцнела и оти и недостигал пристап кон целосни, оригинални податоци и примероци“.

Критичарите велат дека на кинеските власти им требало премногу време за дури во почетокот на годинава да пуштат во земјата тим експерти кој го формирала СЗО.