САД и Британија го одбиле „најголемиот напад“ на Хутите во Црвеното Море

Американските и британските поморски сили во средата уништиле 21 беспилотно летало и проектил истрелани од единиците на шиитската заедница Хути од територијата на Јемен кон јужниот дел на Црвеното Море, потврдија САД а Велика Британија навести и други мерки насочени кон заштита на меѓународните водни патишта, велејќи дека не треба да се дозволи нападите да продолжат.

Британскиот министер за одбрана Грант Шапс изјави дека ова е најголемиот напад на јеменските милитанти откако пред три месеца избувна војната меѓу Израел, и како што вели исламистичкото палестинско движење Хамас во Појасот Газа и се прелева и во други делови на Блискиот исток.

„Оваа ситуација е неодржлива“, им рече Шапс на новинарите, додавајќи дека „ќе го следи тој простор“ имајќи ги предвид можните понатамошни дејствија од страна на Британија и нејзините меѓународни партнери. „Тоа не може да продолжи и не смееме да дозволиме да продолжи“, рече Шапс за нападите на проиранската милитантна група.

Од 19-ти ноември, ова е 26-ти напад на Хутите врз комерцијални бродски рути врз бродови кои пловат или се поврзани со Израел. Воениот портпарол на Хутите, Јахја Сари, изјави дека нивните сили истрелале „голем број“ балистички и поморски ракети и беспилотни летала врз американскиот брод поради неговата „поддршка“ за Израел. Тој, исто така, рече дека нападот е „прелиминарен одговор“ на нападот на американските сили врз чамците на Хутите во неделата, во кој загинаа десет членови на групата.

Хутите, кои контролираат голем дел од Јемен, ги напаѓаат бродските рути во Црвеното Море во знак на поддршка за Палестинците во Појасот Газа, каде што во израелсиот одговор на нападот на Хамас досега има повеќе од 23.000 жртви, од кои најмалку третината се деца.

Германското Министерство за надворешни работи соопшти дека станува збор за „јасна ескалација“, иако Берлин и Париз, не се придружја засега на повикот на САД за формирање меѓународна поморска коалиција којашто ќе ја штити пловидбата во Црвеното Море. Нападите во бродовите за кои Хутите сметаат дека се поврзани со Израел, сериозно ја нарушија меѓународната трговија на една од клучните рути меѓу Европа и Азија, која носи околу 15 отсто од светскиот бродски сообраќај.