Американскиот претседател Џо Бајден ќе им се придружи на сојузниците во применувањето дополнителни санкции против Русија поради нејзината воена операција во Украина и заострувањето на постојните во текот на неговата посета на Европа оваа седмица, изјави во вторникот советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.
Бајден во Брисел придружуван од американскиот министер за одбрана Лојд Остин во среда ќе допатува во Европа каде што во четврток ќе присуствува на засебните самити на НАТО и на Европската унија и на групата Г7 сите во Брисел.
Иако претходно само се нагаѓаше, во вторникот е потврдено дека по Брисел, Бајден ќе отпатува во Варшава за да ѝ искаже поддршка на земјата којашто граничи со Украина. Во Полска ќе ги посети таму стационираните американски единици и ќе се сретне со полскиот претседател Анджеј Дуда.
Саливан рече дека Бајден ќе соработува со сојузниците на долгорочните прилагодувања на држњето на НАТО силите во текот на својата посета и најави „заедничка акција“ по прашањето на јакнењето на енергетската безбедност во Европа која силно е зависна од увозот на енергенси од Русија.
„(Бајден) Ќе има можност да ја координира следната фаза од воена помош за Украина. Ќе им се придружи на нашите партнери во наметнувањето натамошни санкции за Русија и заострувањето на постојните санкции за да се сузбие избегнувањето на санкциите и да се обезбедни силно спроведвуање“, изјави Саливан на брифинг за новинарите.
Бајден, исто така, ќе најави дополнителни американски мерки со цел да се подобрат хуманитарните услови за бегалците и цивилите во Украина, до кои многу не можат да се извлечат од опколените градови.