Американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Јаир Лапид се обврзаа во четвртокот дека нема да му дозволат на Иран да дојде до нуклеарно оружје, што е константата и демонстрација на еддинство меѓу двете сојузнички земји по годините поделени по прашањето на политиките кон Техеран.
Ваквото ветување, содржано во ткн „Декларација од Ерусалим“ која е главната поента од првата посета на Џо Бајден на Израел како американски претседател, следеше по неговата изјава емитувана во средата ноќта на израелската телевизија Keshet12 (Канал12), дека е отворен за можноста за употреба на воена сила „како последно средство“ и во „краен случај“ против Иран, во очигледната отстапка на Израел кој со години бара од Вашингтон „кредибилна воена закана“ за Техеран, па дури планираше и самостојна воена операција против Исламската Република.
САД и Израел со години, имено, даваа нејасни и спротиставени изјави за можната ткн „превентивна војна“ со Иран, на што правото сега ѝ го оспоруваат на Русија којашто тврди дека таква е нејзината офанзива во соседна Украина.
Двете земји го обвинуваат со години Иран дека наводно развива нуклеарно оружје, што оваа земја го негира. Од друга страна, многу светски аналитичари тврдат дека постојат јасни знаци дека наводно Израел е ткн нуклеарна земја, односно дека поседува такво оружје, но еврејската држава никогаш ниту ги негираше, ниту ги потврди таквите наводи.
Ви изјавата од четвртокот, објавена пред официјалното потпишување на декларацијата, повторно се потврдува американското право на Израел „самиот да се брани“, вклучително и со превентивен удар.
„САД истакнуваат дека дел од тоа ветување е решителноста на Иран никогаш да не му се дозволи да дојде до нуклеарно оружје и дека се подготвени да ги употребат сите елементи од својата национална моќ да се обезбеди таквиот исход“, се истакнува во Декларацијата од Ерусалим.
Во 2015-та Иран склучи договор со САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и ЕУ со кој ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за укинувањето на децениските меѓународни санкции.
Но поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2018 година еднострано ги повлече САД од договорот барајќи тој да биде проширен и на иранската ракетна програма и ги врати санкциите. Откако, во прв ред европските потписнички на договорот мораа да ги повлечат своите инвестиции од Иран поради страв од американските санкции и не успеаја да ја заштитат девастираната иранска економија, една година подоцна Техеран почна со суспендирање на своите обврски од договорот, особено во поглед на количеството и нивото на збогатување на ураниумот, како и модерните центрифуги за тој процес.
Иран ги зајакнува некои од своите нуклеарни активности и под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), вршејќи притисок врз светските сили да го заживеат договорот од Виена.
Израел кој во 2015 година се противеше на договорот а иранската нуклеарна програма, сега вели дека поддржува дополнет или нов договор, но со построги одредби за Иран.
„Единствената полоша работа од Иран каков што е денес, е Иран со нуклеарно оружје, и доколку се вратиме во договорот, можеме да им ги врземе рацете“, рече Бајден во споменатото интервју за израелската телевизија.