Американскиот државен секретар Ентони Блинкен потпиша договор за одбрана и поморски надзор со Папуа Нова Гвинеја со кој на силите на двете земји ќе им се олесни заедничката обука.
„Одбранбената соработка ја изработија Соединетите држави и Папуа Нова Гвинеја како рамноправни и суверени партнери“, изјави Блинкен во текот на церемонијата на потпишувањето на договорот.
Истовремено на неколку универзитетски кампуси на Папуа Нова Гвинеја во понеделникот беа организирани протести против потпишувањето на договорот, поради загриженоста од реакција на Кина.
Претходно во понеделникот Блинкен се сретна со шефот на Папуа Нова Гвинеја, Џејмс Марапе, а подоцна ќе се сретне со 14-те челници на пацифичките островски земји.
Вашингтон и неговите сојузници на Пацификот настојуваат да ги одвратат пацифичките островски земји од воспоставувањето на безбедносни врски со Кина, што е причина за сѐ поголема загриженост околу Тајван.
Кина од своја страна, пак, се обидува да го прошири своето влијание во регионот, па така минатата година склучи безбедносен договор со Соломонските острови. Тоа предизвика загриженоста кај Австралија и САД, поради можноста во архипелагот Кина да воспостави воено-поморска база.
Папуанскиот претседател Марапе, пак, изјави дека ќе ја продолжи соработката со Кина, важен трговски партнер на Папуа Нова Гвинеја.
„Одбранбениот пакт (со САД) претставува проширување на постојниот договор и ќе доведе до јакнење на одбранбената инфраструктура и капацитетите на Папуа Нова Гвинеја по децениите занемарување“, соопшти пред посетата на Блинкен папуанската влада.
Марапе претходно во неделата за медиумите изјави дека одбранбениот договор со САД, исто така, ќе доведе до зголемување на американската воена присутност во текот на следната деценија.
Вашингтон ќе издвои 45 милиони долари нови средства за јакнење на економската и безбедносна соработка со Папуа Нова Гвинеја, вклучително и заштитна опрема за војската, ублажување на климатските промени, борбата против транснационалниот криминал и ХИВ/СИДА, соопшти Стејт департментот.
Форум на Индија и пацифичките островски држави
Индискиот претседател Нарендра Моди претходно вети поддршка на пацифичките островски држави на самитот во Порт Морезби, главниот град на Папуа Нова Гвинеја
Моди им порача на челниците на 14-те земји од Форумот за соработка на Индија со пацифичките острови, дека Индија ќе биде веродостоен развоен партнер за малите островски држави и дека е доследна на „слободниот, отворен и вклучителен Индо-Пацифик“.
„Без никакви сомневања имаме волја да ги споделиме своите способности и искуства во дигиталната технологија, вселенската технологија, здравствената безбедноста, безбедноста на храната, климатските промени и заштитата на природната средина“, изјави Моди во воведното обраќање на самитот.
Лидерите на форматот Квад (Австралија, САД, Јапонија и Индија) се договорија на маргините од самитот на Г7 во Хирошима да ја зголемат соработката со пацифичките островски држави, истакна Моди.
Во своето обраќање, пак, Марапе без да предочи конкретни показатели рече дека војната на Русија со Украина, на пример, ја предизвикала инфлацијата и високите цени на горивата и струјата во малите земји во регионот.