Американскиот Сенат со мнозинството демократи го одобри во четвртокот законот за спречивање на делумното затворање на владата, откако претходно Претставничкиот дом под контрола на републиканците го поддржа помалку од 36 часа пред да истече финансирањето.
Нацрт-законот, кој го усвои Сенатот со двопартиски гласови од 77 наспроти 13, сега ќе биде испратен во кабинетот на претседателот Џо Бајден за неговиот потпис. Ќе ги определи роковите за финансирање на едниот дел од Владата до 8-ми март, а другиот до 22-ри март. Проблемот, инаку, беше минувањето на оваа мерка во Претставничкиот дом.
„Среќен сум што можам да го информирам американскиот народ дека нема да има затворање на владата во петок. Кога ќе го усвоиме овој предлог-закон, фала му на Бога, ќе избегнеме затворање со сите негови штетни ефекти за американскиот народ“, рече лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер во Сенатот.
Претходно во четвртокот, во Претставничкиот дом, долниот дом на Конгресот, усвои низа мерки со коишто за седум дена се одложува заканата за делумно парализирање на работата на некои агенции на федералната влада во период додека трае кампањата за ноемвриските претседатеслки избори.
Во Претставничкиот дом, 207 демократи им се придружија на 113 републиканци со гласање 320 наспроти 99 за одобрување на мерката за краткорочно одложување, со што на Конгресот му се купува повеќе време да се договори за финансирањето за целата фискална година.
Договорот обезбедува продолжување на финансирањето, со што се избегнува блокирањето на бројни државни агенции и јавни услуги.
Пратениците блиски на поранешниот републикански претседател Доналд Трамп се истрајни во спречувањето на усвојувањето на буџетот за фискалната 2024 година, иако американската фискална година започна уште на 1-ви октомври 2023 година. Оттаму, САД функционираат во моментов со носењето серија мини-закони со коишто буџетот секогаш се продолжува за неколку денови, седмици или месеци.
Доколку рокот истече, што во САД се нарекува „шатдаун“ (исклучување/затворање), листата последици од парализата на работењето на владините агенции: контролорите на летањето би останале без плати, националните паркови без средства за одржување, би се запрело функционирањето на администрацијата…
Ова е четврти пат од октомври да се пролонгира рокот. Мини-буџетот, кој прво го усвојува Претставничкиот дом а потоа Сенатот, на крајот го потпишува претседателот на САД, во случајов Џо Бајден.
Минаа два месеца откако претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон и лидерот на демократското мнозинство во Сенатот, Чак Шумер се договорија за буџетот за оваа фискална година во износ од 1,59 трилиони долари.
Водечките светски рејтинг агенции предупредија дека секогаш истата тензија околу буџетот негативно влијае на кредитниот рејтинг на земјата чиј долг надмина 34 милијарди долари.