САД и сојузниците порачаа Хамас да го прифати планот на Бајден

САД, Германија, Франција и Велика Британија го повикаа палестинското исламистичко движење Хамас да го прифати планот за ставање крај на војната во Појасот Газа неодамна претставен од американскиот претседател Џо Бајден.

Во заедничкото писмо објавено од Елисејскиот дворец во четвртокот доцна вечерта се вели дека овие земји „целосно го поддржале сеопфатниот предлог“. На маргините од комеморацијата на Денот Д во Нормандија, во Франција, челниците на четирите водечки западни земји го повикаа Хамас да ја изрази својата целосна согласност и планот веднаш да биде спроведен.

Предлогот што го предложи Бајден минатата седмица има цел да стави крај на војната во Појасот Газа во три фази. Тој предвидува целосен и неограничен прекин на огнот за шест седмици. Тоа, според Бајден, ќе доведе до траен прекин на огнот во втората фаза. Според нацртот, условите за тоа треба да се договорат за време на прекинот на огнот.

Меѓутоа, Хамас пореча дека ќе се согласи со договорот само доколку биде договорен итен и траен прекин на огнот и биде исклучено барањето на Израел за разоружување на милитантните крила на палестинското движење.

Германија, САД, Велика Британија и Франција, исто така, повикаа на поголема поддршка за премиерот на Палестинската самоуправа, Мохамад Мустафа, откако претходните години ја критикуваа власта предводена од Фатах за неспособност.

Четирите земји ја истакнаа важноста од одржување на стабилноста на северниот сосед на Израел, Либан. Тие изразуваат поддршка за деескалација на израелско-либанската граница и ги повикаа сите страни на воздржаност, пренесува германската службена новинска агенција DPA.

Лидерот на Хамас во Појасот Газа, Јехја ал-Синвар, го отфрлил договорот за прекин на огнот со Израел кој би ѝ овозможил разоружување на милицијата под негова команда, објави претходно во четвртокот американскиот весник The Wall Street Journal.

„Хамас нема да го предаде своето оружје или да потпише предлог што го бара тоа“, наводно им рекол ал-Синвар, кој престојува на непозната локација во Појасот Газа, на преговарачите од неговата организација, објави WSJ цитирајќи арапски посредници кои се во контакт со преговарачите на Хамас.