САД и Јужна Кореја ги започнаа досега најголемите воздухопловни маневри

САД и Јужна Кореја ги започнаа во понеделникот едни од најголемите комбинирани воени воздухопловни вежби во рамките на коишто стотици борбени авиони ќе изведуваат лажни напади 24 часа на ден во текот на следната седмица.

Маневрите под кодното име „Vigilant Storm“ ќе траат до петокот. Најавено е дека околу 240 борбени авиони ќе изведат околу 1.600 летови. Оваа бројка, според американските воздухопловни сили, е најголемата во историјата на одржувањата на овие редовни годишни заеднички вежби.

Северна Кореја, вообичаено, ги осуди овие заеднички вежби како подготовка за инвазија и доказ за империјалистичките и непријателски политики на Вашингтон и на Сеул. Во знак на протест поради неодамнешната низа заеднички вежби во кои беа вклучени и поморските сили на Јапонија, Пјонгјанг изведе воздушни вежби и истрела повеќе ракети и артилериски проектили во морето.

Сојузниците велат дека ваквите вежби се потребни за борба против можните закани од страна на Северна Кореја којашто годинава изведе рекорден број лансирање проектили и, според претпоставките на САД, се подготвила за продолжување на нуклеарните тестирања првпат по 2017 година.

Во маневрите „Vigilant Storm“, меѓу другите авиони ќе бидат вклучени и разни варијанти од ткн „невидливиот“ ловец „F-35“ кои се во вооружувањето на двете земји. Австралија, пак, на овие вежби ќе испрати авион за дополнување гориво во воздух.

„Јужна Кореја и американското воено воздухопловство ќе соработуваат во спроведување големи воздушни линии, како што се блиска воздушна поддршка, одбранбен противвоздушен удар и итни воздушни операции 24 часа дневно во текот на вежбите. Силите за поддршка на земјата, исто така, ќе вежбаат одбранбени постапки и способност за преживување во случај на напад“, соопшти американската воена авијација.

Во петок јужнокорејските сили ќе ги завршат 12-дневните теренски вежби „ Hoguk 22“, кои вклучуваат лажни амфибиски десанти и преминување на реки, како и некои вежби со американските сили.