САД и Јужна Кореја почнаа нови воени вежби

Јужна Кореја и САД во петокот започнаа нови заеднички поморски вежби во кои е вклучена и групацијата на американски носач на авиони, соопшти јужнокорејската армија, ден откако полетаа борбените авиони како реакција на новото севернокорејско лансирање на балистички проектил.

Морнаричките вежби се одржуваат во близина на јужнокорејскиот источен брег на 7-ми и 8-ми октомври, соопшти Здружениот штаб на јужнокорејската армија. Вежбите, планирани претходно, започнаа ден откако Северна Кореја во четвртокот лансираше неколку балистички проектили, а потоа борбени авиони летаа во близина на границата со Југот.

„Ќе продолжиме да ги јакнеме нашите оперативни способности и подготвеноста да одговориме на секакви провокации од Северна Кореја со заедничките вежби со … ударната група на носачот на авиони USS Ronald Reagan“, соопшти Здружениот штаб на јужнокорејските сили.

Американската ударна групација оваа седмица веќе учествуваше во трилатералните вежби за противракетна одбрана со воени бродови од Јапонија и Јужна Кореја, а во вторникот Северна Кореја предупредувачки истрела балистички проектил со среден дострел кој ја прелета Јапонија во најдолг досега таков лет од околу 4.600 километри.

Високи воени функционери од Јапонија, Јужна Кореја и САД разговараа за најновиот развој на настаните во телеконференција во петокот, осудувајќи ги севернокорејските лансирања и согласувајќи се дека неодамнешните трилатерални поморски вежби ја подобриле нивната способност да ѝ одговорат на Северна Кореја, соопшти јужнокорејското министерство за одбрана во соопштение за јавноста.