САД им забранија на своите вработени во Израел да патуваат надвор од поголемите области

САД им забранија на своите вработени во Израел и на членовите на нивните семејства да патуваат надвор од поголемите области на Тел Авив, Ерусалим и Бер Шева, поради потенцијален ирански одмазднички напад врз Израел по смртта на командантот на Револуционерната гарда во Сирија, соопштија денеска од американската Амбасада во Израел.

„Поради голема претпазливост, на вработените во американската Влада и на членовите на нивните семејства им е забрането приватно патување надвор од пошироката област Тел Авив, Ерусалим и Бир Шева до натамошно известување“, се наведува во соопштението на Амбасадата.

Британските медиуми пренесуваат дека во соопштението се додава дека персоналот на американската Влада е овластен да се движи меѓу трите области заради приватни патувања.

-Постојано ја проценуваме ситуацијата на теренот. Нема да зборувам за конкретните проценки што нè наведоа да го ограничиме приватното патување за нашите вработени и членовите на семејствата, но јасно е дека ги следиме околните закани на Блискиот Исток, особено во Израел, изјави портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

Американскиот претседател Џо Бајден пред два дена изјави дека Иран се заканува дека ќе изврши „значаен напад врз Израел“ и дека САД остануваат посветени на безбедноста на својот сојузник.

Во нападот на иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април загинаа командантот на Револуционерната гарда во Сирија и Либан, Мохамад Реза Захеди и неговиот заменик, како и пет офицери кои ги придружуваа.

Израел тврди дека не стои зад нападот, додека неколку официјални лица од Техеран, исто така, претходно се заканија со одмазда за нападот, вклучувајќи го и иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, кој кажа дека „злобниот режим мора да биде казнет и ќе биде казнет“.